Играше за Реал Мадрид, па стана рапер и сега направи луд кам-бек

Ако некогаш се пишувал прирачник за младите и незрели фудбалери, првата страница ќе почне со примерот на Ројсон Дренте, Холанѓанецот за кого Руд Гулит предвидуваше Златна топка, а заврши како рапер во маалски барови.

Дренте е класичен пример што во животот на еден млад талентиран фудбалер не треба да се прави.

Да тргнеме со ред:

- Европското првенство за млади 2007 беше најдобриот турнир во животот на Ројстон Дренте: освои титула, ја доби наградата MVP и стана трансфер мета на многу европски гиганти.

Во 2008 година, 19-годишниот Дренте потпиша со најтрофејниот клуб на светот - Реал Мадрид и „опиен“ од слава како да подзаборави на фудбалот.

Соиграчите од тоа време се сеќаваат дека младиот Дренте повеќе го интересирале вилите со базени отколку тренинзите.

Со Серхио Рамос, Кака и Марсело

За три сезони во Реал Мадрид одигра 46 натпревари и постигна 2 гола. Реал сфати колку е саат и го праќаше на позајмици во најголем дел од неговиот 5-годишен договор.

Во другите клубови ништо не се подобрило: Дренте заборавал на строгиот режим тренинзи-карантин-натпревари, водел нездрав живот и ги гневел тренерите.

Најмногу беснеел во Евертон каде полицијата еднаш регистрирала како возел 160 километри/час сред град. Таму организирал покер турнири кај него дома и скитал по клубовите.

- Во 2012 година му истекол договорот со Реал а откако се консултирале со Дејвид Мојес, од него се откажале Наполи и Бешикташ.

Понатаму Дренте паѓал толку брзо на дното: беше резерва и малку играше во руска Аланија, во Рединг, во Шефилд Венздеј, во турскиот Кајзери Ерџиеспор во Бани Јас од ОАЕ.

- Сите го заборавија дека воопшто постои. Во летото 2016 левокрилниот фудбалер го батали фудбалот, објави дека ја завршува кариерата и соопшти дека се посветува на рап музиката.

ФАНАТИК ЗА РАП, ПРВАТА ПЕСНА ЈА СНИМИЛ КОГА ИГРАЛ ЗА РЕАЛ

„Фудбалот ме разочара. Бев мртов од внатре“, признал Холанѓанецот на кого музиката му била единствена утеха. Само таму наоѓал хармонија.

Преминот од фудбал во рап изгледа безумен, но Ројстон одамна го сакал овој жанр. Во детството имал своја група со која редовно настапувал на суринамските вечери.

Тоа ја полудувало мајка му чиј син од играч на Реал завршил во локалните барови.

„Постојано слушав музика. Не можев 15 минути без музика. Пред секој натпревар задолжително ги слушав омилените песни“, раскажал еднаш Дренте.

Дебитантската песна ја снимил во 2008-ма со раперот U-Niq. Видео спотот за „Так Такi“ имал и фудбалски елементи: имало кадри од „Сантијаго Бернабеу“.

После пар години Дренте заедно со Рајан Бабел гостувал во една емисија на хип-хоп станицата 101Barz и таму ја изрецитирал својата песна.

ПИШУВАЛ ПЕСНИ ЗА СОЦИЈАЛНИТЕ ПРОБЛЕМИ

По крајот на фудбалската кариера Ројстон се вратил во родниот Ротердам. На вториот спрат од својата куќа направил студио и таму работел во пролетта 2017.

Животот на Дренте се сменил - тој уживал во слободата надвор од фудбалските обврски. Со сопругата добил дури шест деца со кои играл преку ден, а навечер снимал музика.

Некогашниот холандски репрезентативец настапувал под псевдонимот Roya2Faces што го означувало неговото двојно лице: фудбалер и рапер.

За разлика од повеќето рапери кои пишуваат текстови за pussy, money, weed (п**ки, пари, марихуана), Дренте се занимавал со социјални теми: сиромаштија, беда, дискриминација.

„Моите песни се моја порака. Никакви пари, куќи, слава. Читам за тоа, го гледам тоа и го сметам за многу важно“, рекол еднаш Дренте.

Тој вели дека видел многу социјални неправди.

„Живееме во мртва зона. Веќе не не погаѓаат ниту убиства на деца. Кога живеев во Абу Даби (таму играше фудбал едно време), во соседниот дом имаше геј пар. Во еден момент властите дознале за тоа и ги уапсија. Луѓето мора да го сменат тоа“, објаснил Ројстон.

 

„Јас не се гледам себе пред толпа од 20.000 луѓе на сопствен концерт. Ако некому му се допаѓаат моите песни, тоа е океј“, рекол фудбалерот.

Во 2017-та тој работел продуктивно: снимил неколку синглови и три видео спота.

На Јутјуб неговите спотови ги гледале во просек по 300.000 луѓе но последните три спота имале по скомни 42.000 прегледи.

Причина за тоа е што во Холандија рапот не е популарен многу. Во земјата има милиони фанови на техно и хауз музика а најпопуларен музичар е диџејот Арим ван Бурен.

МИНАТОТО ЛЕТО СЕ ВРАТИЛ ВО ФУДБАЛОТ ПОРАДИ ПАРИ

По една година во музиката, Дренте целосно изгубил кондиција и паднал во форма. „Цела година јадев, пиев и водев нездрав живот: малку спиев, многу јадев. Еднаш се погледнав во огледало и видов колкав сум во лицето“, рекол на крајот од 2017.

Во 2018 тој се сменил. Секоја недела играл фудбал со другарите од аматерскиот клуб Zwarte Pijl и два пати неделно вежбал во теретана.

Велат дека првпат после 11 години Ројстон заборавил на пиење и излегување и почнал да тренира сериозно.

Во коментарите на Инстаграм често го прашувале дали мисли да се враќа во фудбалот а тој одговорил: „Тоа би бил најневеројатниот камбек во историјата на фудбалот, но не верувам. Само ако Феенорд не ме викне, веднаш би се вратил!“

Минатото лето во 2018 тој му рекол на агентот да му најде клуб. Причините за враќањето веројатно се парите а тој не играл професионално со години.

Сфатил дека фудбалот му е единствена шанса да заработи нешто за своите деца.

И кога никој не очекувал, наместо Феенорд го викнал ривалскиот клуб од Ротердам - Спарта. Во јули 2018 потпишал договор на една година со клубот кој тогаш испадна од првата Ередивизија.

Медиумите пишувале дека не добивал повеќе до 400.000 евра годишно што и воопшто не е лошо за случај како него.

Навивачите се сомневале во формата на Дренте но тој на тренините бил најдобар, најбрзо и станал лидер на тимот.

„Мотивиран е, во одлична форма е и воопшто не заборавил да игра фудбал. Ентузијасти сме за него и сигурно ќе ја засили екипата“, рекол спортскиот директор на Спарта Ротердам, Хен ван Сти.

Поради Ројстон, тренерот ја сменил формацијата во 3-5-2 и Дренте заиграл како некогаш на левата страна како офанзивен бек.

За кратко време станал омилен кај навивачите - на 16 меча постигнал 3 гола и имал 3 асистенции. Интересно, во септември 2018 го дал првиот гол во холандската втора лига (за две сезони во Феенорд 2005-2007 тој немал ниеден гол).

Дренте сезонава игра како да има 19 години и како да немал никакво кошмарно минато. Спарта Ротердам е трета на табелата со 11 победи, 5 нерешени средби и 3 порази. Имаат 38 бода, само два помалку од лидерот Ден Бош и сериозно се намерачени да се вратат во првата Ередивизија.