Адријано Галијани, Златан Ибрахимовиќ, Лучано Моџи и Мино Рајола. Вакви фотографии имаат тежина и не се прават на секој роденден и кај секој фудбалер. Оваа ќе се покажува како легендарна ретро слика за 20, 30, 50 години.
Исто како сега кога гледаме опасни фудбалски друштва сликани на едно место во 70-те, 80-те, 90-те. Кој знае каков муабет паднал.
Моџи е човекот кој го донесе во Италија од Ајакс во 2004-та година, кога потпиша за Јувентус за сума од 16 милиони евра. Трезеге имаше проблеми со повреди, а Ибра постигна 16 голови и го освои Скудетото.
Каква игра изведе тогаш тој дебелиот на фотографијата? При крај на сезоната, Јувентус наводно одбил 70 милиони евра, понуда од Реал за Златан, а во реалноста патка пуштена од Мино Рајола за да му ја качи цената.
Скудетото го освои и во втората сезона, но во скандалот Калчополи, во кој токму Моџи беше главен актер, му го одземаа на Јуве и му го препишаа на Интер, каде Златан ја продолжи кариерата.
Златан се сеќава на тие времиња и многу оригинално го опишува поранешниот директор на Јуве.
„Веднаш се чувствуваше дека тој човек има моќ“, вели во првиот негов впечаток, кога го запознал во Монтекарло на трка од Формула 1.
Детали за тоа има во автобиографијата на Ибра. Од една страна Мино со шорцеви хавајки, маица и патики за трчање без чорапи, а од другата страна елегантно облечен директор со дебела пура, кој со една реченица му објаснил што значи да се игра во Јуве.
Златан се пожалил дека тушевите не функционираат, а Моџи му одговорил:
„Запамети дека тука не си за да се чувствуваш добро, туку за да победуваш“.
Но Ибра се сеќава и на една неочекувана реакција на моќниот Моџи, кога среде бурата со скандалот со местење натпревари, се обидел да им објасни на играчите што се случува.
„Почна да плаче пред сите нас. Никогаш претходно не сум го видел во такво светло. Тој човек имаше самоконтрола и зрачеше со сила и ноќ. Одеднаш, неочекувано јас бев тој кој сочувствував со него.
Од друга страна, во Милано живееше и живее како бог, освен кога му се случи непосакувана ситуација, да го продадат поради финансиски проблеми.
Но во добро и во лошо, Рајола секогаш беше до него и му посредуваше трансфери во ПСЖ, Лос Анџелес Галакси, Манчестер Јунајтед за потоа пак да го врати во Милан, клуб кој го носи во срце.
„Уште ме вика шефе“, рече неодамна Галијани за Ибра.
А сега внимавајте што ќе раскаже Ибра за Галијани.
„Ми дојде дома во Шведска и ми рече: Не заминувам сè додека не дојдеш со мене. Жена ми беше шокирана и ми рече: Овој е луд. Јас и одговорив дека треба да прифатиме и дека кога сакаш некоја работа треба да ја земеш. Со дела се прават работите, а не со зборови“.
Инаку кога сме кај Ибрахимовиќ и Италија, како и неговите луѓе со кои соработувал, тој имаше можност да заигра и во Наполи, каде го посакуваше Карло Анчелоти, но кога него го отпуштија, сè падна во вода. Кој знае колку ќе ја запалеше темпераментната публика на Сан Паоло, сега Диего Армандо Марадона.