Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Дејвид Мојс призна дека е разочаран од себеси откако застана на чело на клубот. Шкотланѓанецот си призна дека очекувањата му биле многу повисоки, но направил некои грешки заради кои не ги остварил посакуваните резултати.
„Направив некои грешки кои многу болат. Болат затоа што дојдов во Манчестер Јунајтед со големи очекувања од себе си, дека одам во успешен клуб и мора да постигнам многу. Имам победнички менталитет и се надевав дека ќе го одведам клубот до многу трофеи. Затоа сега сум разочаран затоа што не успеав. Но не е точно дека не сме дале се од себе", изјави Мојс.
Оваа сезона Манчестер Јунајтед бележи слаби резултати и им дозволи дури и на екипи како ВБА, Евертон и Њукасл да стават крај на своите серии без победа на Олд Трафорд.
Актуелниот англиски шампион веќе нема шанси за титулата, испадна од двете домашни куп натпреварувања и се бори за пласман помеѓу шестте најдобри во Премиер лигата.
Следната сезона сигурно нема да бидат дел од Лигата на шампиони, а уште еден пораз на домашен терен и ќе забележат шест порази на Олд Трафорд, нешто што се случува прв пат по сезоната 1976/77.