Бразилецот често во последните две години се жали дека на руските стадиони има многу расистички испади, на кои и самиот бил жртва.
„Ако има расистички испади за време на СП во Русија, тоа ќе биде мошне грда слика за Русија. Расизмот се прикажува само во домашните првенства кои се далеку од очите на Европа и ако има расизам за време на Мундијалот, тогаш Русија би можела да има големи проблеми. Да бидам искрен, навредуван сум на секој меч. Прво се лутев и реагирав, но подоцна сфатив дека не вреди да се нервирам“, изјави Хулк на почетокот на неделава.
Меѓу ѕвездите кои ќе ја влечат ждрепката се Самуел Ето, Оливер Бироф, Фабио Канаваро, Диего Форлан, Маѓер и Слободан Рајковиќ. Во улога на помошници ќе бидат Александар Кержаков и Ринат Дасаев.
Организаторот соопшти дека на местото на Хулк, ждрепката ќе ја влече Алексеј Смертин. Од Зенит соопштија дека тренерот Андре Виљаш-Боаш го вратил Хулк во кампот затоа што во недела играат првенствен дуел против Урал и Бразилецот не може да присуствува на саботната ждрепка.
Што се однесува до ждрепката, најпосакуван меѓу сите репрезентации од шеширот на носители е Велс. Селекторот Друловиќ би сакал да ги избегнеме Германија и Шпанија.
„Ќе ни треба многу среќа на ждрепката во Санкт Петербург. Се наоѓаме во петтиот барабан и тоа значи дека ни следуваат силни противници. Би сакал да ги избегнеме големите фаворити Германија, Шпанија и Англија од првиот шешир и Франција од вториот. Поради големата тензија која се создава пред и за време на натпреварите, искрено не би сакал да бидеме во група со балканските земји", изјави Друловиќ за сајтот на ФФМ.
Ждрепката е во сабота од 17 часот со директен пренос на МРТ.