Хицфилд помеѓу модерните великани

По тридецениска тренерска работа, Отмар Хицфилд се повлекува од фудбалот. 65 годишниот германски стратег заслужува да биде запаметен заедно со најдобрите тренери од Европа кои направија извонредна кариера.

Кога Ди Марија стрелаше на асистенција на Меси по речиси два часа игра во четвртфиналето, тоа беше акција која не само што им ја спушти завесата на фудбалерите на Швајцарија, туку ја финишираше кариерата и на легендарниот тренер Отмар Хицфилд.

Тој направи кариера која го рангира на самиот врв меѓу европските тренери. Освои две титули во Лигата на шампионите, седум во Бундес лигата и две во швајцарското првенство. Значајно достигнување беше и пласманот на Швајцарија во топ 10 листата на ФИФА.

„Горд сум на мојата кариера во која имав прекрасни тимови. Тоа е голема чест за мене и имам полно срце со емоции“, изјави Хицфилд  по поразот од Аргентина.

Неговата тренерска кариера која заврши на Светското првенство на стадионот „Сао Паоло“, започна со помалку познатиот швајцарски клуб Зуг, а потоа преку Арау и Грасхоперс, му продолжи во Бундеслигата.

Во играчката кариера го носеше дресот на Штутгарт, а во тренерската го водеше тимот на Борусија Дортмунд со кој во 1997 година ја освои Лигата на шампиони победувајќи го во финалето Јувентус. За тоа достигнување доби признание за најдобар тренер во светот.

Уште повеќе успеси забележа со Баерн Минхен со кој доминираше седум години. Кога Баварците во финалето од ЛШ во 2001 година славеа на пенали против Валенсија, Хицфилд стана вториот тренер по Ернст Хапел кој успеал со два разлика клуба да го освои најелитното клупско европско натпреварување.

Занаетот го учел во истата тренерска школа низ која поминале Алекс Фергусон, Фабио Капело и Јуп Хајнкес, но неговите успеси беа неправедно фрлени во сенка.

Доколку во 2002 година го земенеше Шкотланѓанецот на „Олд Трафорд“ можеби приказната за него ќе беше посветла, но одлуката за повлекувањето на Фергусон тогаш доживеа пресврт.

Тренерот кој е роден во Јужна Германија во близина на швајцарската граница, никогаш не бил по модата. Кога на Борусија Дортмунд и ги донесе најголемите успеси, никој овој клуб не го сметаше како дел од европската елита, но тие сепак под негово водство победија тим каде настапуваа Зидан и Дешамп.

Хицфилд на крајот од својата кариера успеа да соедини селекција со мало фудбалско педигре со играчи со различно потекло, а ја одведе во друштво на најдобрите 16 во светот. Придобивките од неговата мудрост во репрезентацијата која одлично се носеше со моќната Аргетина ќе ги почувствува неговиот наследник Владимир Петковиќ.  

goal.com

2 јули 2014 - 17:59