Космин Ламбру на 8 години преживеал тешка сообраќајна несреќа и откако бил удрен со камион лекарите морале да му ја ампутираат левата рака и да му стават вештачка.
Но храбриот Космин не дозволил неговиот голем хендикеп да му го скрати сонот да стане професионален фудбалер. Десет години подоцна успеа да дебитира за романскиот прволигаш Петролул на натпревар од националниот куп.
18 годишниот Романец влезе на мечот во 100-та минута при резултат 1:1, а неговиот тим загуби на пенали.
Но во оваа единствена ваква фудбалска приказна резултатот е во втор план, особено ако се знае начинот на кој Космин се спасил од сигурна смрт.
„Камионот излета од патот и одеше право на мене. Јас знаев дека ќе ме удри во глава и дека ќе загинам ако не се обидам да се фрлам под него. Тоа ми успеа и последно нешто што се сеќавам пред да се разбудам во болница е ужасната болка во раката“.
Фрлањето под камион Ламбру го преживеал благодарение на лудата храброст и ладнокрвост, особено за едно дете во таква ситуација. Од тогаш неговиот сон е да стане фудбалер, што му успеа по 10 години и сега тоа го смета за награда од која одбива да се откаже.
„Кога почнав да тренирам фудбал, прво нешто што требаше да научам беше како да паднам на вештачка рака. Не беше лесно, но не се жалам и нема ни да се жалам“, вели најхрабриот фудбалер за кој сме пишувале до сега.