Во недостиг на многу слаба или никаква медиумска телевизиска заинтересираност за скопското дерби, со каква таква репортажа од атмосферата пред мечот го имаме Мијалче Дургутов.
Долгогодишниот спортски новинар ги следи и се обидува да ни го долови амбиентот од мак фудбалот од прва, па до пониските лиги, а овој пат пренесува како беше пред Јужна.
Од она што го гледаме, постарите скопјани гледаат носталгично на овие средби, кои на времето беа празник за време на викендите и видлива е желбата да заживеат пак.
Се пејат песни, се точи пиво, а од клупските бои доминираат оние на Вардар во форма на дресови, маици, шалови и други реквизити.
Вршац крца, а меѓу интервјуираните Дургутов ги има поранешниот спонзор и на двете скопски екипи, Трифун Костовски, потоа екс претседателот на Работнички Драган Поповски, како и легендарниот фудбалер на Вардар, Ванчо Балевски-Змија кој има 379 настапи и 128 голови и е во топ 10 стрелци во историјата на Црвено црните.