Што е муабетот? АЕК од Атина им направи анкета на своите навивачи да гласаат кој е најдобар странски играч кој го има носено дресот на 12 кратниот грчки шампион.
Убаво е да се држи око на првата позиција бидејќи имаме наша фудбалска легенда по име Тони Савевски, а уште послатко е за читање бидејќи конкуренција му е Ривалдо.
Тони го јаде светскиот првак убедливо бидејќи доби 47%, а овој само 16% од вкупниот број на гласови.
Савевски во кариерата им се посвети на два клуба, Вардар и АЕК и важи за еден од најдобрите македонски фудбалери за врска. Дресот на Вардар го носеше 8 години (1980 – 1988) и е дел од легендарната генерација која стана шампион на Југославија.
А беше дел и од тимот предводен од капитенот Кочо Димитровски.
По заминувањето од Вардар, Савевски одигра 13 сезони за АЕК, настапи на 410 првенствени средби и освои 11 трофеи, меѓу кои 4 титули во првенство.
И покрај тоа што се пензионираше пред 19 години, навивачите не ги забораваат неговите блескави партии и го изгласаа пред Ривалдо кој им дојде на 35 години и ја одигра само сезоната 2007/2008.
Инаку битолчанецот е прв од 15-те македонски фудбалери кои заиграа во новиот формат на Лига на шампиони, а дебито го имаше во сезоната 1994/1995. Имаме два негови гола од елитното натпреварување, против Глазгов Ренџерс и Динамо Дрезден.
Во репрезентативниот фудбал два пати го носеше дресот на Југославија и 9 пати на Македонија со која дебитираше против Шпанија на квалификациски меч за ЕП одигран во октомври 1994-та.
Савевски беше директор на АЕК, а сега работи во младинската школа на клубот.
Претходно како тренер ги водеше Аполон Лимасол и Омонија.