На примерот на Хартс се гледа колку навивачите можат да бидат пресудни во опстанокот на еден клуб. Шкотскиот прволигаш пред неколку сезони често успеваше да го сруши митот на Ренџерс и Селтик, а успешно играше и во европските натпреварувања.
Во 2013-та година Хартс се соочи со сериозни финансиски проблеми, долгот изнесуваше цели 28 милиони фунти и клубот беше близу банкрот. Сепак, илјадници навивачи се собраа и успеаа да го спасат клубот од згаснување. Фондацијата Хартс, која со помош на навивачите собра пари е наградена со дрес, но не како тоа обично се прави со потпис од сите играчи, туку на оригинален начин.
Клубот реши третата гарнитура на дресови за актуелната сезона да ја посвети на луѓето кои учествуваа во собирањето пари, па така на дресот се најдоа повеќе од 8.000 имиња и презимиња. На тој начин, управата на Хартс не само што направи одличен гест туку и дрес кој изгледа фантастично. Клубот од Единбург во моментов е трет во шкотската Премиер лига со 15 освоени бодови после првите седум натпревари.