Герет Бејл и Лука Модриќ
Една од причините поради која двајца играчи од ист клуб потоа се наоѓаат на друга дестинација е пријателството. Кога Велшанецот направи трансфер во Мадрид, тој што му помогна за побрзо да се прилагоди во новата средина беше Модриќ. Овие двајца играчи одлично се познаваа од времето во Тотенхем и тоа беше само мотив плус за Бејл да го облече дресот на Реал Мадрид.
Златан Ибрахмовиќ и Максвел
Да се биде другар со Ибра сигурно не е лесно. Тој закача кого стигне на терен и затоа нема ниту многу пријатели во фудбалот. Можеби најдобар другар од колегите му е Максвел со кого заедно играа уште од времето на Ајакс, па потоа во Интер, Барселона и сега во ПСЖ. Нивното другарство го потврдува и самиот Златан во неговата автобиографија.
Муса Дембеле и Јан Вертонген
Нивното другарство датира уште кога имаа 10 години и беа дел од академијата на Бершот. 27 годишните врсници и репрезентативци на Белгија од 2012 година настапуваат заедно за Тотенхем, а се вели дека Дембеле го терал Вертонген од холандското да се префрли во Премиер лигата.
Лео Меси и Хозе Мануел Пинто
Меѓу нив двајца добро познато е дека постои големо пријателство, а често пати се видени како се дружат и надвор од терените. Медиумите пишуваа дека Меси лобирал во Барселона да му понудат нов договор на Пинто кој и натаму е дел од Камп Ноу како втор голман.
Серхио Рамос и Икер Касиљас
Како членови на Реал Мадрид заедно се 10 години откако во 2005 година Рамос заигра на Бернабеу, а ист толкав период играат заедно и за селекцијата на Шпанија. Рамос и Касиљас заедно се радуваа на најголемите успеси во нивните кариери и отсекогаш биле добри пријатели.
Цеск Фабрегас и Филипе Сендерос
Овие двајца играчи се запознаа во Арсенал во 2004 година и беа заедно во Лондон 6 години. Сендерос има изјавено дека шпанскиот репрезентативец не знаел ниту еден збор на англиски и тој му помогнал да ја совлада јазичната бариера. Потоа се разделија по различни патишта, но останаа големи другари. Сендерос за Фабрегас рече дека го чувствува како помал брат.
Кристијано Роналдо и Марсело
Роналдо има многу обожаватели надвор од терен, но од тие на терен има направено многу мала селекција на блиски другари. Едно од нив е другарството со Марсело. Тој му помогна многу откако Роналдо во 2009 година направи трансфер во Мадрид, а една од причините поради која се зближија е и истиот мајчин јазик.
Цеск Фабгрегас и Џерард Пике
Овие двајца играчи беа дел од младинската академија на Барселона и нивното пријателско трае од 2000 година. Додека Фабгреас беше подолг период во Арсенал, Пике еден период настапуваше за Манчестер, а повторно се пронајдоа на Камп Ноу. И покрај тоа што Фабрегас повторно се врати во Премиер лигата, контактите не ги прекинуваат.
Марио Гетце и Марко Ројс
За време на прославата на Светската шампионска титула во Бразил, Гетце мавташе со дресот на Ројс и тоа беше доказ за нивното меѓусебно респектирање и другарување. Ројс го пропушти Мундијалот поради повреда, а Гетце го постигна решавачкиот гол за победа во финалето и му го посвети на Ројс. Нивното пријателство беше големо и додека настапуваа заедно за Борусија Дортмунд.
Тијаго Силва и Давид Луиз
Централните дефанзивни играчи на Бразил не беа еден покрај друг само на Светското првенство, туку ова дуо беше заедно со топката уште од мали нозе кога играле низ бразилските плажи. Трансферот на Луиз од Челси во ПСЖ не е случајно, бидејќи таму во срцето на шеснаесетникот го пронајде својот другар.