Глупавиот Рамос и пијаниот Коке

Вечерашниот дуел помеѓу Шпанија и Холандија е мега пресметката од вториот ден во Бразил. Светските шампиони везат со топката, но еден од нив е жива комедија на Твитер каде ги меша Сан Антонио Спарс со Сан Франциско, Лос Анџелес и Њујорк.

Опсесијата на Чави

Фудбалерот на Барселона откако пред една година се ожени призна дека гледа многу помалку фудбал, но за да биде во тек со резултатите постојано на мобилниот кисне на Livescore. Тој е опседнат со фудбалот и сака постојано да го следи развојот на настаните на натпреварите. 34 годишниот шпански репрезентативец по ЕУРО 2012 сакаше да се повлече од националниот дрес, но селекторот Висенте Дел Боске го предомисли.

Груб и срамежлив

Атлетико Мадрид го ангажираше Диего Коста од тимот на Брага пред седум години каде ја започна професионалната кариера. Роден е во Бразил, во Европа се пресели на 18 години, а крстен е по Диего Марадона. Тој има проблем со дисциплината и по природа е многу насилен. Тоа најмногу го имаат осетено Рамос, Алба и Алонсо со кои има жестоки дуели во градското мадридско дерби. „Израснав мислејќи како да ударирам некој со лакт, а тоа беше нормално“ изјави Коста кога настапуваше како позајмен играч во Рајо Ваљакано. Инаку надвор од теренот тој важи за срамежлив и резервиран човек.

Гестот на Бускетс

Серхио Бускетс е роден во Бадиа дел Валес, еден од градовите со највисока стапка на невработеност во Шпанија. Но за неговото семејство немало никогаш зима. Татко му бил голман на Барселона, а исто и дедо му, но тој бранел за школо. Родителите имале пари да го запишат и во приватно школо, но тој сепак завршил во локалното. По освојувањето на Светското првенство во Јужна Африка на главата стави марама со натпис Бадиа, а градскиот совет потоа одлучи школото да го крсти по неговото име.

Рамос е лош твитерџија

Доколку сакате да му фаќате сеир на некој славен фудбалер, тогаш следете го на Твитер, Серхио Рамос. На турнејата во САД тој за Сан Антонио Спарс го пиша името на градот Сан Франциско, постираше слика од Лос Анџелес, а пораката му гласеше: Колку убав град е Њујорк. Коментари предизвикаа и задоцнетите негови честитки упатени кон женската ватерполо репрезентација на Шпанија која минатата година стана Светски шампион. Тој следел снимка од финалниот натпревар, а мислел дека мечот оди во живо. Кога Токио го победи Мадрид во трката за град домаќин на Олимпијата во 2020 година, Рамос постираше слика на која јаде суши.

Неуморниот Коке

Фудбалерот од средниот ред на Атлетико според статистиката навистина е неуморен. Сезонава одигра најмногу натпревари за својот клуб. 36 меча во Примера, 9 во Копа дел Реј и 13 во Лигата на шампионите. Но за него има малку слободно време и во лето. Во 2012 година беше дел од шпанскиот олимписки тим, лани играше и триумфираше на младинското Европско првенство, а вечерва проти Холандија го чека деби на Светските првенства. Коке не е многу надарен за прослави. За време на славјето на титулата во Лига Европа во 2012 година стави марама со нацистички знак кој е забранет од УЕФА, а потоа изјави дека не знаел какво значење имал знакот. Кога минатата година Атлетико Мадрид ја прославуваше шампионската титула не се појави со образложение дека не се чувствувал добро, а претпоставките се дека не дошол поради тоа што испил многу алкохол.

13 јуни 2014 - 13:22