Новиот квалификациски циклус за ЕУРО 2016 година стартува на есен, а пријателскиот натпревар против Летонија за новиот селектор Бошко Ѓуровски ќе претставува запознавање со играчкиот ростер со кој располага.
„Ова е еден нов почеток за мене и за репрезентација пред новиот циклус кој се разбира дека сакаме да го започнеме со победа. Сакам на терен да видам играчи победници со карактер кои ќе играат модерен и агресивен фудбал. Треба да го респектираме секој противник, но и да не се плашиме од никого. Само со таков пристап ќе имаме шанса за успеси“, вели Ѓуровски.
Во отсуство на Пандев и Новески, селекторот рече дека идните лидери на националниот тим треба да бидат Агим Ибраими и Иван Тричковски, кои инаку викендов постигнаа фантастични голови за своите клубови.
„Ова е нов почеток за нас, со нов селектор. Ќе покажеме дека сме подготвени за предизвикот. Секој меч треба да одиме на победа, а само така ќе ја зголемиме самодовербата“ рече Тричковски.
„Со агресивност, со максимална желба за победа и посветеност верувам дека ќе победиме против Летонија и ќе најавиме подобри денови за репрезентацијата на Македонија – изјави Агим Ибраими.
Како дополнителна мотивација за репрезентативците Ѓуровски го поканил славниот музичар Влатко Стефановски кој ќе биде присутен на денешниот тренинг на Македонија.