Наместо туристички, навивачите на Волфсбург од својот клуб добија анти-криминален водач. И тоа на клупскиот сајт, каде се опишуваат насилните навивачи на Наполи и местата кои треба да се избегнуваат пред реваншот од Лигата на Европа утре вечер.
Во соопштението посебно се подвлечени ризиците на семафорите во Неапол, каде знаат да ви отворат врата или низ прозор да ве ограбат, пишува на сајтот.
„Во Неапол често шетаат крадци. Со финта некој од нив им го одвлекува вниманието на туристите (најчесто ги удираат или ги соблекуваат), а друг ги ограбува. Обратете внимание на плоштадите и во јавниот превоз. Држете ги цврсто до себе ранците и торбите кога сте на улица, затоа што знаат да крадат и качени на веспа. Ве советуваме да се движите во групи и да не оставате скапоцени предмети во чантите“, стои на сајтот на Волфсбург.
Италијанските медиуми се најдоа погодени од ваквиот потег на бундеслигашот, за кој велат дека има стереотипни размислувања. Газета дело Спорт пишува уште и дека освен некоја кратка информација за стадионот Сан Паоло, во агендата за германските навивачи нема ништо за убавините на еден од најубавите градови на светот.
Нема ништо за спомениците, за музеите, за природните убавини, за погледот на море кој го ужива секој турист во Неапол, додава Газета. Освен што потенцираат за сообраќајниот метеж во Неапол, Волфсбург пропуштил прилика да им се најде на навивачите и да им даде некоја корисна информација за италијанскиот град, заклучува новинарот на Газета.
Вообичаената пеколна атмосфера на Сан Паоло: