Кога во 2000 година Германија ја доби организацијата за да биде домаќин на Мундијалот во 2006 година, репрезентацијата им беше во опаѓање, тимот старееше и мораше да се бараат нови таленти. На ЕП 2000 беа елиминирани уште во првата фаза и потоа во германскиот фудбал се случи пресврт.
Секој клуб мораше да има и сопствена фудбалска академија каде ќе смејат да работат само тренери со лиценца. Се формираше Б селекција која служеше за експериментирање и пронаоѓање кандидати за А тимот.
Ангажираа и тренер – психолог, кој доби задача да ги подготвува фудбалерите за стресни ситуации на големите натпреварувања. А селекцијата во 2006-та почна да ја води Јоаким Лев, Б селекцијата му беше доверена на Јирген Клинсман, а за бизнис менаџер го поставија Оливер Бироф.
Германците едноставно создадоа целосна стратегија за својата иднина и направија револуција која им донесе извонредни резултати на кои треба да бидат горди.
Од 2002 година до сега, Германија дури 9 пати успеа да стигне до полуфинале од вкупно 10 учества на големите натпреварувања. 3/3 полуфиналиња на Европските првенства, 4/4 полуфиналиња на Светските првенства и 2/2 полуфиналиња во Купот на Конфедерации.
Во овие 15 успешни години тие имаат и три финалиња, со можност за четврто доколку вечерва го совладаат Мексико. На СП 2002 во финале загубија од Бразил, на ЕП 2008 од Шпанија, а упорната системска работа со врвен успех ја крунисаа на Мундијалот во Бразил каде станаа Светски прваци.
Најголемиот дел од овие успеси одат кај Јоаким Лев кој ги води од 2006-та и на кој лани му го продолжија договорот до 2020-та година. Германците се пример дека може со еден тренер на долги патеки. Тој со репрезентацијата има скор од 100 победи, 27 нерешени и 23 порази, а ние за тоа време назначивме девет селектори.
Ова се нивните 9 полуфиналиња од можни 10 во последните 15 години.
СП 2002
Полуфинале
Германија – Јужна Кореја 1:0
Финале
Германија – Бразил 0:2
КУП НА КОНФЕДЕРАЦИИ 2005
Полуфинале
Германија – Бразил 2:3
СП 2006
Полуфинале
Германија – Италија 0:0
ЕП 2008
Полуфинале
Германија – Турција 3:2
Финале
Германија – Шпанија 0:1
СП 2010
Полуфинале
Германија – Шпанија 0:1
ЕП 2012
Полуфинале
Германија – Италија 1:2
СП 2014
Полуфинале
Германија – Бразил 7:1
Финале
Германија – Аргентина 1:0
ЕП 2016
Полуфинале
Германија – Франција 2:0
КУП НА КОНФЕДЕРАЦИИ 2017
Полуфинале
Германија – Мексико (29 јуни, 21:00)