Кога Карло Анчелоти во декември беше отпуштен, Наполи го победи Генк и обезбеди пласман во топ 16 од Лига на шампиони, а со тоа и стави крај на серијата од девет меча без победа на сите натпреварувања.
Последниот натпревар за искусниот стратег беше против Удинезе 1:1. Тогаш го остави клубот на седмо место, осум бода зад местата кои носат во Европа и девет од топ 4, на скоро половина сезона.
Немаше крај од сомневања за тоа дали Гатузо со кој Милан заврши петти, е вистинскиот човек да го врати клубот во нормала, но полека, но сигурно далеку понеискусниот стратег од Карло, почна да прави резултати.
Пресвртот не стигна веднаш, туку етапно. Му тргна лошо со четири порази на првите пет средби, но кога се случи неговото назначување атмосферата во клубот вриеше. Играчите покажаа непослушност откако Анчелоти побара карантин, а Де Лаурентис почна со закани дека ќе ги избрка.
Костурот на тимот висеше и ѕвездите беа речиси на излезна врата. Наполи едноставно беше тим без победнички дух и со изгубен идентитет.
Во тој бескраен циркуз кој противниците го користеа и грабаа бодови на Сан Паоло, висеше иднината и на Дрис Мертенс, инаку најдобар стрелец во историјата на Наполи. Но благодарение на влијанието на Гатузо, Белгиецот ги одби Челси и Интер и потпиша нов договор.
Темпераментниот Џенаро успеа да ги мотивира да играат убав и напаѓачки фудбал и со нивниот препознатлив систем 4-3-3 се вратија и го исчистија метежот. Победата против Рома им беше шеста на последните седум првенствени средби.
Ги победија дури и Јуве и Интер во серијата од седум победи на девет меча пред паузата, а сега ја стигнаа Рома со која се на делба на петта позиција.
Во меѓувреме стигна и триумфот во Куп на Италија, успех кој не треба да се потценува. Тоа беше прв трофеј во тренерската кариера на Гатузо и прв во Неапол по пауза од шест години. Задоволството е двојно бидејќи во финале го совладаа Јувентус на пенали.
Со освојувањето на овој трофеј, Гатузо стигна до обележје во период од шест месеци, што Сари не можеше да го достигне во три години престој. Тој трофеј им обезбеди уште едно финале, а тоа е Супер Купот на Италија, како и загарантирано учество во Лига Европа.
Пласманот во Лига на шампиони оваа сезона е сигурно чекор назад со оглед на тоа што четвртопласираната Аталанта им бега 15 поени, но кој знае каде ќе беа сега на табела доколку Гатузо ги водеше уште од почеток на сезоната.
И да не заборавиме, Наполи има активен резултат пред реванш осминафиналето против Барселона кое се игра за месец дена на неутрален тренер во Португалија. Дома на Каталонците им одиграа 1:1.