Пајтим Касами (Швајцарија, Фулам)
Македонецот Пајтим е роден во Струга, но уште од мали години живее во Швајцарија и се реши да игра за оваа земја. Во минатото тој беше член на младинските тимови на Ливерпул и Лацио, а професионалната кариера ја градеше во Палермо и Фулам. Тој поседува голем талент и силен шут од далечина, а со 20 години веќе има и доволно искуство за да стане главен организатор во репрезентацијата на Швајцарија.
Жорди Алба (Шпанија, Барселона)
Новиот член на Барселона, Жорди Алба пред неполн месец го освои Европското првенство, постигнувајќи го вториот гол при победата од 4:0 над Италија. Тој блескаше во екипата на Валенсија, стана едно од најголемите европски откритија на првенството, а на Олимписките игри ќе ги покаже своите квалитети и пред целиот свет.
Тиаго Алкантара (Шпанија, Барселона)
Уште еден фудбалер на Шпанија. Тоа е младиот плејмејкер Алкантара. Поседува голема техника, одличен дриблинг и силен шут и јасно беше зошто Гвардиола му ја укажа довербата и тој одигра повеќе од половина натпревари за првиот тим на Барселона во шпанската Примера.
Единсон Кавани (Уругвај, Наполи)
Изминатите две сезони Кавани постигна 49 голови за Наполи и го привлече интересот на сите големи фудбалски гиганти од Европа, но газдата Де Лаурентис не го дава за под 100 милиони евра. Кавани е едно од најзвучните и помеѓу најдобрите фудбалери кои ќе настапат на Олимписките игри и многу е веројатно дека тој ќе биде и најдобар стрелец на фудбалскиот турнир.
Гансо (Бразил, Сантос)
Пауло Енрике Гансо постојано е поврзуван со трансфери во Европа, а главен кандидат за неговиот потпис е Милан. Тој има одлична техника, постигнува голови и асистира. Што друго треба да се посака од ваков првокласен плејмејкер?
Нејмар (Бразил, Сантос)
Нема потреба да се трошат зборови за овој фудбалер. Само погледнете некои од видеата. Нејмар има 20 години, а веќе ги собра сите можни трофеи, награди и признанија од Јужна Америка и секако го привлече вниманието на сите можни гиганти од Европа.