Доколку изгледавте барем еден натпревар на Европското првенство, сигурно ја слушнавте заразната мелодија која на стадионите во Полска и Украина ја пуштаат по секој постигнат гол. Но не само по головите. Навивачите на сите 16 репрезентации, а посебно оние на Италија, се почесто и за време на натпреварите ја пејат мелодијата на Seven nation army од White Stripes.
Се започна на 22 октомври 2003-та година кога во бар во Милано, навивачите на Клуб Бриж со пиво се подготвувале за натпреварот против Милан од групната фаза на Лигата на шампиони. Додека тие се „загревале" на шанкот, вниманието им го привлекле седум заразни рифови.
Огромниот хит Seven nation army на бендот White Stripes од Детроит таа година три недели беше на врвот и веќе одамна беше падната на топ листите. Но на членовите на навивачката група на Клуб Бриж кои се нарекуваат „Сина армија", оваа песна им се допаднала и почнале да ја пеат.
Песната ја пееле на патот кон Сан Сиро, но и за време на натпреварот кој Клуб Бриж изнанадувачки го доби со 0:1. По враќањето во Белгија тие продолжиле да ја пеат на секој натпревар, а и самиот клуб почнал да ја пушта на озвучувањето на стадионот по постигнувањето на секој гол.
Три години подоцна Клуб Бриж ја пречека екипата на Рома на натпревар од УЕФА купот, а песната им се допаднала и на гостинските навивачи. Но не само на навивачите.
„Никогаш претходно ја немав слушнато таа песна, но од тогаш не можам да го исфрлам од глава тоа "По по по по пооо пооо". Домашните навивачи звучеа фантастично, а по враќањето веднаш си го купив албумот од овој бенд", изјави капитенот на Рома, Франческо Тоти.
Заразната мелодија која италијанските навивачи ја викаат "по по по по песна" бргу се рашири и на Апенините и стана неофицијална химна на италијанската репрезентација. Навивачите со оваа песна ги пречекаа и своите шампиони по освојувањето на Светското првенство во 2006-та година.
Два дена по освојувањето на титулата, Алесандро Дел Пјеро и Марко Матераци беа гости на концертот на Rolling Stones и кога се качија на бината ја запеаја оваа мелодија заедно со 70.000 гледачи.
Организаторите на Европското првенство во 2008-та година ја одбраа "Samba de Janeiro" како песна која се пушта по секој постигнат гол, но навивачите на трибините често знаеја спонтано да ја запеат мелодијата од The White Stripes.
Оваа година УЕФА ја избра оваа песна за официјална мелодија која се слуша од разгласите на стадионите во Полска и Украина по постигнатите голови. Подзаборавениот хит Seven nation army на The White Stripes не само што ја доживеа својата втора младост, туку стана и фудбалска химна која го освои целиот свет.