Фудбалската Федерација на Либија му забрани на женскиот национален тим да учествува на турнир во Берлин со тврдење дека забраната се однесува поради празникот Рамадан, но вистинската причина за откажувањето се всушност заканите од екстремистички напади.
Како што пишува „Гардијан", генералниот секретар на Либиската Фудбалска федерација Насер Ахмед изјавил дека тие немале ништо против женскиот фудбал, но не за време на големиот муслимански празник Рамадан.
Но според религиозните верувања не постои никаква пречка за да се забрани фудбалот за време на муслиманските празници затоа што во истиот период за време на „светиот" месец во Триполи бил организиран турнир каде учествувале четири локални тимови.
Фудбалскиот фестивал ќе се одржи од 23 до 28 јули и е финансиран од Германската влада, Европската Унија и Германската фудбалска федерација, а ќе учестуваат селекциите на Египет, Јордан, Палестина, Тунис, Полска, Украина и домаќинот Германија.
Турнирот е посветен на родовата еднаквост, мултикултурното разбирање и правата на жените, а покрај играње фудбал, на фестивалот ќе има и работилници каде ќе се зборува за дискриминацијата во најважната споредна работа во светот.
Еминентниот британски весник цитира изјава од една од репрезентативките на Либија која ја пренела големата разочараност на сите девојки во тимот кои плачеле откако им било соопштено дека нема да патуваат во Германија.
Во март 2011 година фудбалерките се соочуваа со сличен проблем кога за време на учество на турнир тренираа на тајно место и беа опркужени со воена стража.