Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин ја нарече пандемијата на коронавирус „најголема криза во историјата со која се соочил фудбалот“. Но во сево ова со УЕФА може да се ископа и нешто добро.
Пример, оние фудбалери кои со сигурност ќе го пропуштеа убавиот континентален собир па одложувањето им дојде како олеснување. Настап на едно Европско првенство е можеби најубав момент во кариерата.
Хари Кејн и Маркус Рашфорд (Англија)
Најдобриот центарфор во Англија во јануари доживеа незгодна повреда и од тогаш не се појави на терен. Минатата недела почнал лесни тренинзи со топка а сега веќе нема никаква потреба да се форсира себеси зошто Европското е одложено за догодина, а сезоната во Премиер лига виси во воздух.
Рашфорд исто така во јануари доживеа сериозна повреда на грбот па се оперираше. Тренерот Оле Гунар Солскјер сметаше дека неговиот најдобар голгетер би можел да се врати за финалето на Купот на Англија.
Но набрзо Солскјер кажа дека не исклучува дека Рашфорд може да го пропушти и Европското (уште пред да се одложи поради вирусот).
Во таква ситуација многумина барале Варди да се врати во репрезентација: „Кој знае? Ние со Саутгејт се договоривме дека вратата ќе биде отворена во случај на какви било откази. Уште не ветуваме ништо. Кејн и Рашфорд се повредени, но планираат да се вратат на време (за Евро2020). Времето ќе покаже“, уште пред неколку недели изјавил Варди, несвесен за она што ќе следува.
Осман Дембеле (Франција)
Сезонава Дембеле одигра само 5 меча за Барселона во Ла Лига. На почетокот на февруари проба да игра дури и откако му востановија повреда на потколеницата но тогаш доживеа нова повреда (скинат мускул на тренинг).
Наскоро одличниот француски крилен напаѓач го оперираа во Финска и му наложија 6-месечна пауза. Дембеле сигурно немаше да го игра Европското 2020. А никој не гарантира дека ќе биде во ред и следното лето затоа што последните неколку сезони е многу склон на повреди - за 2,5 години во Барселона тој веќе доживеал 9 повреди.
Мемфис Депај, Јетро Вилијамс и Даниел Мален (Холандија)
Минатата година Депај блесна во Лион - 9 гола и 2 асистенции на 13 меча во Лига 1 и 5 гола на 5 меча во Лига на шампиони. Тоа беше негова најдобра сезона во кариерата. Но во декември лани Мемфис ги скина лигаментите и го чекаше пауза од пола година.
Мемфис напорно работел да успее да се врати во форма за Европското, а сега после веста за одложување ќе го има целото време на светот за полека да закрепне.
Во јануари годинава иста повреда доживеа и Јетро Вилијамс, бекот на Њукасл и одличен холандски репрезентативец. Исто и шпицот на ПСВ кој стана стандарден репрезентативец, Даниел Мален го повреди коленото. И двајцата ќе паузираат до крајот на сезонава.
Никлас Зуле (Германија)
24-годишниот стопер на крајот од октомври лани ги повреди лигаментите. Тој стана неизоставен дел од репрезентацијата.
„Ова е многу горка вест. Неговото отсуство ќе биде болно по нас“, рекол селекторот на Германија Јоаким Лев.
Уште тогаш претседателот на Баерн Минхен, Ули Хенес изјавил дека Зиле мора да заборави на Евро 2020.
„Ова е најтешка повреда која може спортист да ја доживее. За него сезоната е завршена, а неговиот настап на Европското првенство е готов, може скроз да заборави на тоа. Веројатно ќе биде спремен дури за новата сезона“.
Кој да знаел дека првпат во историјата едно Европско првенство ќе биде одложено. Зуле на 5 март првпат после тешката повреда почнал со лесни движења со топка. Баерн Минхен не го форсира него затоа што во 2014-та Зиле веќе еднаш ги скинал лигаментите на коленото. Сега кога сезоната е речиси готова секаде, нема потреба да брза.
Еден Азар (Белгија)
Белгиецот на крајот од февруари мораше да се помири со сите пехови што го запоседнаа сезонава и на почеток на март отиде да се оперира во САД. Моментот на враќање на терен не беше соопштен, но Азар би требал да биде спремен во целост кон крајот на мај.
„Постојано сум во контакт со Еден. Убеден сум дека ќе се опорави пред последниот меч сезонава во Ла Лига“, изјави пред неколку недели селекторот на Белгија Роберто Мартинез, несвесен за она што ќе следува со вирусот.
И онака Азар игра сезона за заборав: само 15 меча во сите натпреварувања, 1 гол и 5 асистенции. Уште е нејасно во каква физичка и психичка состојба би дошол во репрезентацијата доколку летово се одржеше Европско.
Џенк Тосун и Мерих Демирал (Турција)
Шпицот на Кристал Палас позајмен од Евертон го повредил коленото на еден тренинг и ќе отсуствува до крајот на сезоната. Ако се играше Европско, главниот шпиц на Турција немаше да игра.
А талентираниот стопер на Јувентус во јануари го скина менискусот и клубот соопшти дека нема да се врати на тренинзи порано од средината на летото, така што Мерих бил пресреќен што Европското се одложува.
EURO2021 🔜⏳🇹🇷 pic.twitter.com/fseMeRzsZ1
— Merih Demiral (@Merihdemiral) March 17, 2020
Николо Ѕаниоло (Италија)
20-годишниот бисер на Рома и италијанскиот фудбал, тешко ги оштети лигаментите во јануари годинава. Првите најави беа дека ќе паузира најмалку 6 месеци. Докторот кој го оперирал сугерирал дека Ѕаниоло би бил спремен за Европско, но сега ниту ќе мора да ризикува ниту да брза. Турнирот е одложен за 2021.
Маркос Асенсио (Шпанија)
Еден од најталентираните шпански фудбалери лани доживеа тешка повреда на лигаментите, како и голем дел од играчите на оваа листа и му следуваше баш долга пауза. Кога пред извесно време почнал со лежерни тренинзи не бил свесен дека Европското 2020 ќе се одложи за следното лето и дека ќе има на располагање повеќе од 1 година добро да се спреми за настап во дресот на „црвената фурија“.
Желсон Мартинш (Португалија)
Крилото на Монако за малку ќе го пропуштеше Европското поради очајна сопствена глупост. На почетокот на декември на еден меч во Франција два пати го турнал судијата со сета сила и доби суспензија од пола година. Клупскава сезона за него е завршена а тоа значи дека тој немаше никакви шанси да се појави на Европско со репрезентацијата.
Селекторот Фернандо Сантош после оваа глупост што ја направи, сериозно ќе размисли дали да го вика најдобриот фудбалер на Монако во досегашниот тек од сезоната.
Артем Беседин (Украина)
Шпицот на Динамо Киев доби суспензија на една година и таа му важеше до декември 2020. Во ноември лани тој паднал на допинг-тест после мечот од Лига Европа против Малме, а сега му се зголемуваат шансите догодина да игра на Европско 2021.