Фрозиноне е нов италијански прволигаш

По симпатичниот Карпи, уште една екипа од малото место во регионот Лацио ќе игра во елитното друштво на италијанскиот фудбал.

Со денешниот триумф над Кротоне од 3-1, фудбалскиот клуб Фрозиноне го обезбеди второто место во Серија Б кое води директно во највискиот ранг.

Џало-блу (Жолто-сините) го прославија пласманот на својот стадион Матуза пред 10.000 навивачи. Фрозиноне за прв пат во својата историја ќе игра во Серија А, откако пред девет години дебитираа во втората италијанска лига. Во сезоната 2006/2007, Фрозиноне играше против Наполи, Јувентус и Џенова кои тогаш беа второлигаши. Од следната сезона, екипата ќе ја има привилегијата да игра против најдобрите италијански клубови.
 
Остварувањето на Фрозиноне е уште поголемо ако се има во предвид малиот град кој има околу 46.000 жители. Фрозиноне во 2011 година испадна во третата лига, следната сезона се врати во Серија Б и денес го оствари најголемиот успех во клупската историја.
 
Тренер на екипата е Роберто Стелоне, некогашниот фудбалер на Наполи кој не го криеше воодушевувањето по големиот подвиг.
 „Навистина уште не може да поверуваме што постигнавме. Најзаслужни за триумфот се фудбалерите, им честитам и на луѓето од стручниот штаб како и на навивачите кои му подарија голема радост на целиот град“, констатираше некогашната 9-ка на Наполи.
Место во плејофот обезбеди Перуџа, благодарение на триумфот над Карпи.
16 мај 2015 - 17:15