„Нема подобар селектор за националниот тим од Лев“
Ова е денешната изјава на претседателот на Фудбалската федерација на Германија, Рајнхард Гриндел кој денеска се ракуваше и му честиташе на Јоаким Лев за новиот селекторски договор со Германија.
Тоа е изјава која може да биде пример за првите луѓе на сите фудбалски федерации во светот и за оние кои се суетни и не прифаќаат критика за нивното работење. Изјава која дополнително го мотивира и му дава крилја на селекторот кој за две години ќе ја брани Светската титула во Русија.
Јоаким Лев денеска ја продолжи својата верност со репрезентацијата на Германија до 2020 година или најмалку по завршувањето на ЕП 2020. Гледате ли е каква е таа доверба и стратегија за работење на долги патеки? Човекот ја водеше Германија на пет големи натпреварувања и добива шанса да ја води на уште минимум две.
„Јас не можам да замислам подобар тренер за нашиот национален тим од него. Тој доминираше во последниве години со неговата страст, висока развиена стручност и управувањето“, рече првиот човек на фудбалот во Германија.
„Му благодарам на Рајнхард Гриндел, генералниот секретар Фридрих Куртис, целиот одбор и лигата за поддршката и довербата, како и на целиот тим на репрезентацијата. Нашата соработка се карактеризира со голема доверба и сите ние сакаме да се потврди успехот од Бразил и на Светското првенство во Русија“, изјави Јоаким Лев.
Лев претставува симбол за конзистентност на Германија во текот на годините и оствари фантастичен скор од 94 победи, 24 ремија и 23 порази на 141 средби. На сите пет големи натпреварувања стигна до минимум полуфинале.
Од 2006 година една Англија означи 5 нови селектори: Стив Мекларен, Фабио Капело, Рој Хоџсон, Сем Алардајс и Герет Саутгејтс, а кај нас се свртеа: Мирсад Јонуз, Среќко Катанец, Бобан Бабунски, Џон Тошак, Гоце Седловски, Чеде Јаневски, Зоран Стратев, Бошко Ѓуровски и актуелниот Игор Ангеловски.
Додека ние уште немаме утврдено план како да излеземе од долгогодишната фудбалска криза која никако да заврши, Германија пред 15 години сврти нов лист, се фрлија на работа и станаа пример од кој може се учи секој што се занимава со фудбал.
Како почнаа?
Кога во 2000 година Германија ја доби организацијата за да биде домаќин на Мундијалот во 2006 година, репрезентацијата им беше во опаѓање, тимот старееше и мораше да се бараат нови таленти. На ЕП 2000 беа елиминирани уште во првата фаза и потоа во германскиот фудбал почна пресвртот. Секој клуб мораше да има и сопствена фудбалска академија каде ќе смејат да работат само тренери со лиценца.
Паралелно со јакнењето на младинскиот фудбал, тимот на тогашниот селектор Јирген Клинсман направи Б репрезентативен тим кој ќе служи за експериментирање со играчи, потенцијални кандидати за А селекцијата. Во периодот од 2002-ра до 2005-та тимот одигра 10 меча на кои оствари скор од 4 победи, 4 нерешени и 2 порази.
Потоа го засилија стручниот штаб со врвни кондициони тренери, а за бизнис менаџер го поставија Оливер Бироф. Легендарниот германски напаѓач со реноме, доби задача да ги одржува односите со јавноста и да се грижи за сè околу организација во репрезентацијата што не е поврзано со тренирањето.
Ангажираа и тренер – психолог, д-р. Ханс Дитер Херман кој доби задача да ги подготвува фудбалерите за стресни ситуации на големите натпреварувања.
Успешната историја со Лев
Откако Јирген Клинсман го замени Руди Фелер на селекторската позиција со кој Германија на ЕП 2004 повторно доживеа срамна елиминација уште во групна фаза, за асистент го стави Јоаким Лев. Тие се знаат од претходно бидејќи имаат посетувано иста фудбалска школа, а и двајцата имаат иста филозофија за напаѓачки фудбал.
Под нивно водство Германија стигна до две полуфинале на Купот на Конфедерации 2005 и СП 2006. На Купот на конфедерации во полуфиналето загуби 3:2 од Бразил и во борбата за трето место го совлада Мексико 4:3. Германија го освои третото место, а нивната напаѓачка игра ги направи најефикасни на турнирот со гол разлика 15:5.
СП 2006
Поразот на Германија од Италија на свој терен беше разочарувачки особено бидејќи беше во полуфиналето од продолженијата на мечот. Утехата мораше да ја бараат во мечот за третото место каде ја совладаа Португалија со 3:1.
ЕП 2008
По завршувањето на Мундијалот, Клинсман одлучи да не го продолжи договор и како што вели логиката за селектор, беше назначен тој што му помагаше и што беше најмногу во тек околу работите во репрезентацијата, Јоаким Лев. Тој најави дека ќе продолжи да ја развива напаѓачката игра и дека ќе обрне внимание околу поседот на топката. На неговиот прв меч на 16 август 2006-та, Германија на пријателски натпревар ја совлада Шведска со 3:0. Двоен стрелец Мирослав Клосе.
Во квалификациите стартот беше за аплаузи. На првите 5 средби Германија ги победи сите натпревари. Првичните резултати од менувањето на стратегијата во германскиот фудбал вродија со плод. Германија стигна до финале на Европското првенство во 2008 година кое го загуби од Шпанија со 1:0.
СП 2010
Нивниот прогрес беше евидентен. На квалификациите за Мундијалот во Јужна Америка завршија први на табела без ниту еден пораз. Во последното коло ја совладаа Русија во Москва и го испратија тимот на Гус Хидинг во плеј-оф.
На тоа Светско Лев повика нови млади играчи и Германија го имаше вториот најмлад состав на првенство и тоа најмладиот во својата земја по 1934 година. Во осминафинале настрада големиот ривал Англија со 4:1, а во четвртфинале ја декласираа и Аргентина со 4:0. Полуфиналето повторно кобно и тоа повторно пораз од Шпанија од 1:0. До бронзениот медал стигнаа откако во мечот за третото место го совладаа Уругвај со 3:2.
ЕП 2012
Во квалификациите за Европското првенство пред четири години тимот на Лоаким Лев беше незапирлив со 10 од 10, а како награда Лев доби нов договор до 2014-та. Германија беше единствена селекција која заврши прва во групната фаза со три победи. Во четвртфинале ја совлада Грција, но во полуфинале загубија од Италија.
СП 2014
Круна на нивната упорна работа и квалитет беше Мундијалот во Бразил на кој домаќинот плачеше откако беше демолиран во полуфиналето со 7:1. Германската машинерија беше немилосрдна, Клосе стигна до рекордни 16 голови на Светските првенства и рекордни 71 во историјата на Германија и со тоа ги мина претходните рекордери Роналдо и Герд Милер. Во финале ја совладаа Аргентина со 1:0 во продолженијата и се искачија на Светскиот кров.
ЕП 2016
Петтото големо натпреварување, но не и последно за Лев беше европскиот собир во Франција на кое германската селекција одново беше меѓу најдобрите 4 земји. Во четвртфинале ја победија Италија на пенали, но во полуфиналето загубија од домаќините со 2:0 и тоа беше нивен прв пораз на големите натпреварувања во натпревар од 90 минути по пауза од 1958 година.