По шест тешки години за фудбалот во кои се бележат големи финансиски загуби и пропаѓање на клубови, финансиските анализи на УЕФА во последната година покажуваат дека 237 клубови кои се дел од нивните натпреварувања имаат помали загуби од 1,7 на 1,1 милијарда евра, односно подобрување за 36%.
„Намалувањето на загубите од 600 милиони евра за една година е одличен показател за тоа дека поголем дел од клубовите внимавале како ги трошат парите. Мислам дека овие резултати од само една година се одличен показател за ефектите од воведување на финансискиот фер плеј", се пофали генералниот секретар на УЕФА, Џани Инфантино.
Задоволен од овие бројки кои извршниот комитет на УЕФА детално ќе ги објави на состанокот во Дубровник на 20 септември е и Мишел Платини кој рече дека овој фер плеј не е еднострана иницијатива на УЕФА.
„Оваа правило кое го воведовме го регулира финансискиот систем во фудбалот по големите загуби кои ги претрпе во последните години. Не сакаме да ги "убиеме" клубовите, туку сакаме да работиме заедно и да создадеме стабилност за нив и за европскиот фудбал. Како што гледаме од овие резултати, досега добро ни оди", рече првиот човек на УЕФА.
Останатите позитивни ефекти од финансискот фер плеј се намалените загуби на клубовите кои ги имале за даноци и неисплатени рати за фудбалери и кои од 57 милиони евра во 2011 година им се намалиле на 9 милиони евра оваа година.
Долговите од 9 милиони бележани на 30 јуни 2013 година се помали за 70% од оние 30 милиони евра кои ги должеле на истиот ден минатата година.
Санкциите за прекршителите на правилата од финансискиот фер плеј ќе започнат од оваа сезона кога УЕФА ќе ги прегледува сметките на клубовите за претходните две сезони.