Претседателот на Фудбалската федерација на Холандија, Михаел ван Праг побара промени на реакциите на фудбалерите на игрицата ФИФА 13 издадена од "EA Sports". Тој ја испрати оваа реакција по барање на голем број на родители кои имале забелешки за начинот на кој фудбалерите реагираат на судиските одлуки, односно негодување и непочитување на истите.
„Одговорив на барањето на многу родители за да се промени начинот на кој играчите реагираат кон судијата на игрицата на Плејстејшн. Овој проблем го истакнав пред комитетот на фудбалски асоцијации", напиша Ван Праг на својот Твитер профил.
„На многу родители им смета тоа. Изгледа како ФИФА да ги учи децата дека ваквите реакции се нормални. ФИФА не ја прави играта, но ја издава лиценцата на компанијата која ја произведува", дополни претседателот на Фудбалската федерација на Холандија.