ФИФА му се извини на Бразил за гафот со „советите“

Светската куќа на фудбалот се засрами и мораше да му се извини на Бразил, а воедно и да брише содржина од својот сајт откако објави совети со кои се исмеваа навиките на домаќините на Светското првенство.

Само неколку недели откако Адидас повлече од продажба две маички кои Бразилците ги оценија како навредливи, ФИФА беше приморана да се извини и од нивниот сајт да брише материјали со кои ги исмеваат домаќините на Светското првенство.

спорните маици на Адидас

Неодамна на сајтот на ФИФА беше објавена брошура со наслов „10 совети за избегнување на културолошки недоразбирања" во која беа наведени неколку „совети" за луѓето кои ова лето ќе го посетат Бразил за време на Светското првенство. Но советите не беа баш добро прифатени од домаќините.

ФИФА редовно се жали дека работите околу изградбата на стадионите во Бразил доцнат откако 6 од 12 стадиони не беа довршени во предвидените термини, па дел од советите беа за доцнењето и хаосот кој го прават Бразилците.

„Во Бразил работите се завршуваат во последна минута".

„Бразилците не се точни, па секогаш се толерира доцнење од 15 минути".

„Стрпливо чекање во ред не е во ДНК-то на Бразилците. Тие преферираат „фин" хаос", беа дел од советите во брошурата.

Ова не е прв пат како ФИФА им „гази на плускавец" на Бразилците. Пред две години за време на една посета на Бразил, изнервиран од спориот напредок на подготовките, генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке изјави дека на Бразил му треба „клоца во газот".

27 март 2014 - 11:14