Инцидентот се случи во финишот од средбата кога австрискиот напаѓач постигна гол за 3:1 и жестоко му се нафрли на Џани, по што реагираа неговите играчи, а капитенот Алаба се обиде да го замолчи.
Арнаутовиќ сфати дека погреши и веднаш се извини за испадот, но ФФМ не му простува и бара да биде казнет.
„Фудбалската федерација на Мaкeдонија најостро го осудува националистичкиот испад на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ, после постигнатиот гол на вчерашниот натпревар со Македонија упатени кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски. Истовремено ве информираме дека поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ.
Како “Куќа на фудбалот” секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме.
Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат“.
На потег е УЕФА која треба да процени и да се произнесе дали има основ за казна. Џани изјави дека се смириле во соблекувална.