Наградата "Best Player 2012" за плејмејкерот на „Старата дама" пристигна од фудбалските фанови кои имаа можност да гласаат на официјалната Фејсбук страна на Серија А во периодот од 27 до 31 декември изминатата година. Со завршувањето на 2012, се затвори и гласањето каде учествуваа вкупно 67 илјади гласачи.
Пирло доби 13 398 гласови и беше во тесна трка со најдобриот стрелец во досегашниот дел од сезоната во италијанскиот шампионат, Ел Шарави, кој се најде на втората позиција со 13 292 гласови. На третото место е партнерот на Пандев од нападот на Наполи, Единсон Кавани со 5669 гласови.
Со оглед на топ формата во која се наоѓа, Андреа Пирло сосема заслужено се закити со ова признание. За дресот на Јуве во изминатата календарска година постигна вкупно седум голови, повеќето од нив од неговата омилена позиција од слободен удар. Неговата препознатлива вештина е одличанта прегледност на теренот, како и многубројните асистенции.
На личен план тој има можност за уште големо достигнување за изминатата година. Заедно со клупските колеги Буфон, Барцаљи и Маркизио е дел од листата на кандидати за идеален тим за 2012 година според УЕФА. И за ова признание имаа можност да гласаат навивачите, кое инаку истекува денеска.
33 годишниот Пирло беше точно една деценија дел од тимот на Милан со кој освои вкупно девет титули во сите клупски натпреварувања, две од нив во Лигата на Шампионите. Веќе во првата сезона во Јувентус стана лидер во тимот, освојувајќи го Скудетото и Супер Купот на Италија.