Фасцинантно: Шпанскиот фудбал е непоразен во финале од 2001-ва

Шпанија го владее фудбалот. Само во последните четири години освои Лига на нации 2023, Олимписки игри 2024, Европско 2024 и Светско 2026. Кога овие успеси ќе се спојат со клупските, резултатот е надреален.

Шпанците на бранителот на светската титула му одиграа финале со 65% посед на топка, 12:0 удари во рамки на гол и 762:357 додавања.

Замислете Аргентина прв пат шутна кон голот дури во 117. минута и тоа надвор од рамките.

19 годишниот Пау Кубарси, беше прогласен за најдобар млад играч, Унаи Симон за најдобар голман, а Педри за најдобар играч на Мундијалот. Јамал пак стана третиот најмлад светски шампион, по Пеле 1958 и Џузепе Бергоми 1982.

Од каде ли да почнеме за да ја истакнеме доминацијата на шпанскиот фудбал? Ајде со факти за да биде појасно.

  • Шпанците се актуелни светски, европски и олимписки прваци.
  • Немаат пораз на 38 натпревари по ред, што е најдолга низа на една европска и јужноамериканска селекција во историјата. Им го срушија рекордот на Италијанците кои во периодот 2018-2021 беа непоразени на 37 меча.
  • Ова им е 16. титула во машки и женски фудбал за период од пет години.
  • И фудбалерките моментално се светски шампионки и имаат освоено уште осум европски и светски титули во помладите категории.
  • Шпанија во 21 век има 5 трофеи (2 Светски и 3 Европски), колку што заедно имаат Англија, Франција, Германија, Италија, Португалија и Холандија.

Внимавајте на фактот од насловот:

  • Шпанскиот фудбал е непоразен во финале од 2001-ва. Скорот им е 28 од 28.
  • На Светско и Европско имаат 5 од 5.
  • Во Лига на шампиони 11 од 11.
  • Во Лига Европа 12 од 12.
  • Во ЛШ победници во финалињата се Реал Мадрид (7) и Барселона (4).
  • Во ЛЕ Севиља (7), Атлетико Мадрид (3), Валенсија и Виљареал.
  • Последните загубени финалиња се двете во 2001 и тоа на пенали. Валенсија од Баер во ЛШ и Алавес од Ливерпул во ЛЕ.

Сега појасно ви е за нивната доминација? 28 од 28. Страшно нешто.

23 јули 2026 - 14:17