Политичката криза и сè почестите инциденти во Украина ги натера челниците на УЕФА да размислуваат околу можноста за одложување на турнирот.
Неодамна во градот Дњепропетровск при експлозија на бомба беа повредени 27 луѓе, а голем проблем претставува и политичкиот притисок од Европската Унија заради затворањето на поранешната премиерка Јулија Тимошенко.
Претседателот на Европската комисија, Хозе Мануел Баросо, германската канцеларка Ангела Меркел и неколку други европски државници веќе најавија дека ќе го бојкотираат Европското првенство заради политичката ситуација во Украина, а некои медиуми не ја исклучија можноста за суспендирање на оваа земја и откажување на Европското првенство.
Претседателот на шпанската фудбалска федерација, Анхел Мариа Виљар му понудил на првиот човек на УЕФА, Мишел Платини, Шпанија да ја преземе организацијата на Европското првенство кое во јуни треба да се одржи во Полска и Украини.
Сепак такво нешто не може да се случи, но УЕФА не ја исклучи можноста за одложување на првенството.
„Веќе е предоцна за да се премести првенството во друга земја. Ако ситуацијата во Украина се влоши, тогаш УЕФА може да го одложи првенството за една година", изјави оперативниот директор на УЕФА, Мартин Кален.