Камп Ноу беше домаќин на 220-то „Ел Класико", овој пат во рамките на шпанскиот Суперкуп. Барселона и Реал Мадрид сега се израмнети со по 87 победи, а 46 натпревари завршиле без победник.
Барселона доминираше во текот на првото полувреме, но нивните обиди беа јалови.
Фудбалерите на Барселона ја имаа иницијативата, а најсериозната ја имаше Меси во 19-та минута кога по двојното додавање со Алвеш, Аргентинецот го промаши голот на Касиљас.
Единствената конкретна закана во првото полувреме Реал Мадрид ја имаше во 31-та минута кога Педро биеше од 18 метри, но Валдес успеа да го изблокира неговиот удар.
По мирниот почеток на второто полувреме следеше бурен пресврт.
Најпрвин во 55-та минута по еден корнер удар кој го изведе Озил, Кристијано Роналдо ја заби топката во мрежата на Барселона.
Кристијано Роналдо стана првиот фудбалер на Реал Мадрид кој постигнал голови на четири натпревари во серија на Камп Ноу.
Но славјето на Реал траеше многу кратко. Барселона израмни веќе во следниот напад. Маскерано одлично го проигра Педро Родригез кој го искористи невниманието на Коентрао и успеа да го совлада Касиљас.
Барселона продолжи со нападите, но мадриѓаните не дозволуваа уште еднаш да се затресе нивната мрежа се до 70-та минута кога домаќините направија целосен пресврт. Рамос го сруши Иниеста во шестнаесетникот и судијата оправдано покажа на белата точка, а сигурен реализатор на најстрогата казна беше Лионел Меси.
Само седум минути подоцна Барселона веќе ја зголеми предноста. Иниеста со одличен слалом се проби во просторот на Реал и со прекрасна асистенција го пронајде Чави кој рутински го совлада Касиљас.
Сепак Реал Мадрид се врати во игра во пресрет на реваншот и тоа најмногу по заслуга на Валдес. Адриано ја врати топката до голманот на Барселона кој се сплетка пред својот гол и му ја подари топката на Ди Марија на кого не му беше тешко да постигне гол за конечни 3:2.
Реваншот во Мадрид ќе се одигра во среда во 22:30 часот.