Египќанецот од кој бегаше и Златан Ибрахимовиќ

Еден од најголемите бунтовници во светот на фудбалот играше од чиста забава, затоа што татко му беше шеик. Со еден потег решаваше натпревар, а успеа да се скара со сите тренери и секоја управа.

Ахмед Хосам Хусеин Абделхамид или попознат како Мидо поседуваше страшен фудбалски талент, но по завршувањето на кариерата остана запаметен само по големите кавги со тренерите, управите, соиграчите.

Во кариерата смени 12 клубови за 14 сезони. Најмногу покажа во Ајакс, каде го сметаа за полуд од Ибрахимовиќ, кој често се тргал на страна од непредвидливиот Мидо. По една расправија, Египќанецот дури и се обидел да го погоди со ножици во соблекувалната, но Златан на време се тргнал.

Секој фантастичен гол на Мидо остануваше во сенка на проблематичниот карактер, кој не успеа да го скроти ниту Роналд Куман. Холанѓанецот често го селеше Мидо во Б тимот на Ајакс, па го враќаше во првиот состав, но не успеа да го смири. За тоа сведочеше и изјавата на Куман кој кажа: „Не може со луѓето, иако често го третираат како Бог“.

Животот на Мидо надвор од теренот беше како реално шоу. Од својата венчавка направил телевизиска емисија која била меѓу најгледаните во Египет. Пред свадбата со Јосра Ваел, преку весник ја оставил тогашната девојка која била мис на Белгија.

Во Англија, како играч на Мидлсборо го паметат по инцидентот на мечот со Арсенал. Влезе во игра во вториот дел и за 10 минути се скара со Гаел Клиши. Разменија неколку пцовки, по што Мидо му влезе директно со две нозе и доби црвен картон. По тој настан им се пушти и на навивачите на Арсенал.

Мидо сакаше често да менува клубови. Во еден момент за него беше заинтересиран турскиот Кајзериспор, по што Мидо отишол и да види каков е клубот. Им кажал дека не е задоволен од тренинг кампот и градот, па Турците го обвинија дека е арогантен.

Во Египет еднаш завршил во затвор, затоа што претепал тројца студенти кои му барале автограм. Откако ги одбил, почнала расправија, по што им ја кршел колата и ги нападнал. Го осудиле на еден месец, но одлежал само една недела.

Крајот на неговата кариера стигна по страшната расправија која го запрепасти фудбалскиот свет. Во полуфиналето на Африканскиот Куп на нации против Сенегал, селекторот на Египет Шехат го замени Мидо со Амр Заки. Во тој момент Мидо му се пушти на селекторот и соиграчите едвај ги разделија покрај аут линијата. Му следуваше суспензија од шест месеци.

Кариерата ја заврши на 30 години. Стана тренер на клубот каде ја почна својата кариера, во Замалек. И таму после една расправија со управата доби отказ и не издржа долго како тренер.

Головите и асистенциите на Мидо:

Расправијата со селекторот на Египет, Шехат:

 

19 август 2015 - 10:43