Ефектот на Кристијано Роналдо во Парма

Додека Италијанците одбројуваат до стартот на Серија А или поточно до дебито на Роналдо, некои навивачи работат на случајот и како да профитираат од првата појава на мегаѕвездата во нивниот град. Претерале малку.

Кристијано Роналдо денеска пристигна во Торино, а за тоа каков само третмат има овој човек, доволно е да се напомене дека на аеродром го чекаа со шест џипови, како да е претседател.
 
Дебито во Серија А ќе му биде на 19 август на гости против Киево, потоа на домашен терен го очекува првото појавување пред своите навивачи против Лацио, а во трето коло гостува во Парма.
 
Повратникот во првата лига ќе го пречека Јувентус на 2 септември, но профитерите не седат со скрстени раце и работат на случајот како да ќарат што е можно повеќе пари од тој меч.
 
Тие профитери се всушност навивачи кои своите билети на интернет ги нудат тродупло поскапи, а на некои места и повеќе од тоа.
 
 
Така на пример за најевтината трибина каде картите на Енио Тардини обично чинат по 25 евра, навивачите ги препродаваат по 178 евра, а сезонска влезница за тие места е 190 евра.
 
Но тоа не е ништо. Одредени луѓе очигледно купуваат карти од дуелот Парма - Јувентус не за да го гледаат, туку да се опарат од него, па така билетите од 60 евра ги нудат за 200, оние од 70 за 233, тие што се 100 ги даваат за 386, а највисоките цени кои можат да се видат по сајтови се 450 евра за една карта каде цената во билетара е 150 евра.
 
Ова е безобразлук со оглед на тоа што за овие суми може да се купи карта за финале во Лига на шампиони, а зборуваме за првенствен натпревар од италијанската прва лига.
 
 
Инаку Роналдо денеска ќе го одржи и првиот тренинг зад затворени врати, заедно со Дибала, Даглас Коста, Игуаин, Квадрадо и Бентакур кои беа на продолжен одмор поради настапите на Мундијалот.
 
Сите останати играчи се на турнеја во САД, каде на 4 август ќе играат против Реал Мадрид во Интернационалниот Куп. Роналдо останува да работи во Торино и нема да настапи против своите.
 
Првиот тренинг комплетно цел тим ќе го одржи на 8 август. Четири дена подоцна имаат закажано пријателска против Јувентус Примавера за која веќе се продадени сите 5.000 карти.
30 јули 2018 - 15:19