Љубинко Друловиќ:

Едногласна поддршка за Адеми, фудбалерите се мотивирани за победа

Пред натпреварот против Украина во Скопје, селекторот Љубинко Друловиќ изјави дека фудбалерите сакаат да го избегнат последното место на табелата. Украинците играат за пласман на ЕП.

Настапот против Шпанија во претходната рунда е пример кој според Друловиќ треба да се следи. Селекторот е задоволен од играчите и нивното залагање на тренинзите.
„Влеговме во последните два натпревари. Утре вечер нè очекува дуел против една одлична селекција како Украина, селекција која се бори за пласман на ЕП. Украинците доаѓаат мотивирани, да освојат три бода. На хартија, но и преку досегашните мечеви, тие се фаворити. Но секој меч има своја историја. Ние сме максимално спремни и мотивирани“, го отвори денешниот прес некогашниот играч на Порто.
Репрезентацијата синоќа била шокирана по веста дека Адеми паднал на допинг тест, после што фудбалерот на Динамо Загреб ја напушти базата.
„Навистина ми е жал за тоа што се случи. Кога ќе загубите таков играч каков што е Адеми, кој треба да биде носител на репрезентацијата, тешко е. Се надевам дека играчот кој ќе го замени ќе одигра во најдобро можно светло. Адеми ни беше во прв план, во него гледаме носител на репрезентацијата. Аријан ја има поддршката од сите нас и веруваме дека брзо ќе се справи со тешката ситуација“, продолжи Друловиќ.

Во богатата кариера на клупски план, Ванче Шиков извесно време мина и во украинското фудбалско првенство и добро ја познава состојбата во нивниот фудбал.
„Мислам дека Селезњов од Днипро ќе им игра во шпицот. Најголемата опасност сигурно е од Конопљанка и Јармоленко. Украина е силна како тим, не само поединечно, но мислам дека ако ги затвориме нив двајца на крилата, ќе може да направиме добар резултат. Знаете и сами дека Днипро лани стигна до финалето на Лига Европа, а украинските екипи редовно играат во Лигата на шампионите и Лигата на Европа“, изјави Ванче Шиков кој утре ќе командува со нашата одбрана.
Мечот Македонија - Украина се игра од 20:45 минути на Филип Втори Арената.