Во 2004. година, најтрофејниот клуб во Италија со најмногу навивачи во оваа земја решил дека во академијата немало место за 14-годишниот Џанлука Лападула роден во Торино, на 500 метри од легендарниот стадион Филаделфија. Наводно тоа што го баталил школото било пресудно за него да нема место во институцијата.
Денес, на 10-ти јуни напаѓачот е главна цел на Јуве кој не е сам во трката. Го бараат и Лестер, Тотенхем и Барселона.
Рутата на 26-годишниот тетовиран центарфор до славата била многу долга и невообичаена. Во раната фаза тој бил тотално анонимен и недоволно добар во Тревизо, Про Верчели и Ивреа. Од нигде никаде Парма го доведе во 2009. година, но Млекарите тогаш западнаа во сериозна финансиска криза и мораше да го растеретат играчкиот кадар, поради што Лападула патувал на позајмица во седум различни клубови.
Само што завршил трета година средно, решил засекогаш да го напушти школувањето кое не му одело од рака и почнал да работи во цвеќарата на неговите, а потоа преминал во слаткарницата кај чичко му. На 15 години бил независен, но светлосни години далеку од иден професионален фудбалер. Лападула бил типичен талент загубен на улица, ист како оние во маалските кафичи кои раскажуваат како на времето биле големи таленти. Меѓу бројните позајмици после Атлетико Рома и Равена, решил да замине во Сан Марино. На 22 години почнал да решета со левицата како катаната на Хатори Ханзо во „Лудите 88" и дал 24 гола со 9 асистенции во четвртата лига.
Следуваа нови позајмици во Чезена и Фрозиноне, за да во 2013/2014 замине неочекувано во Словенија и да заигра во Нова Горица. Таму во целост го покажал својот талент и иако играл лево крило, дал 11 гола на 28 средби со што ги импресионирал локалните коментатори. Парма немала да му дава плата додека настапува за Нова Горица, така што Словенците ги презеле трошоците.
Татко му е Италијанец, мајка му Перуанка. Неговото средно име е Вилијам, поради што соиграчите во Пескара го викаат Sir William. Селекторот на Перу, Гарека запнал со сите сили да го убеди Лападула да игра за Blanquirroja со гаранција за место уште на Копа Америка, но...
„Со должна почит, но во Перу никогаш не сум стапнал и не се чувствувам Перуанец за да го прифатам прекуокеанскиот повик да играм за Перу. Сакам да играм за Италија", изјави Лападула и ги загреа надежите на Италијанците на кои добар напаѓач во репрезентацијата им треба како дожд на сува земја.
Префинета техника, брзина, агилност, силен во дуел играта и прецизен шут од далечина се карактеристиките кои Итало-Перуанецот ги докажал на следната дестинација, во Терамо, екипа која што со 21 гол ја внесе во Серија Б во 2014-та. Тој период ќе се памети и по тоа што ја побарал девојка му на сред терен веднаш по завршување на последниот меч од сезоната.
Го раскина договорот со Парма и во јули 2015-та потпиша 4-годишен со Пескара во Серија Б.
Сезонава, беше диригент во оркестарот на тренерот Масимо Одо кој синоќа на голема радост на Пескара ја внесе екипата во Серија А после 3 години (Верати, Чиро Имобиле и компанија играа тогаш за Пескара). Постигна неверојатни 30 голови на 43 настапи (од кои 3 гола во плејофот за А/ гол на секој 130 минути сезонава).
Следна дестинација веројатно ќе му биде Лестер, каде би требало да го замени Џејми Варди кој е пред потпис со Арсенал. За Лападула Пескара наводно бара 10 милиони евра.
Синоќа Пескара одигра 1:1 против Трапани на гости во финалето на Плејофот и ги одбрани домашните 2:0 од минатата недела за промоција во Серија А.