Триото Верати - Имобиле - Инсиње предводено од Зденек Земан беше хит во втората италијанска лига во сезоната 2011/2012. Благодарение на нив Пескара успеа да се врати во елитното друштво и тоа во голем стил со 90 постигнати голови за една сезона, повеќе од Јувентус кој истата година стана шампион на Италија со 72 погодоци.
Таа импресивна сезона на тројцата младински италијански репрезентативци целосно им ја промени кариерата. Лоренцо Инсиње стана важел дел од нападот на Наполи и заигра во Лигата на шампионите, Марко Верати направи спектакуларен трансфер во ПСЖ, а Чиро Имобиле кој изминатава сезона ја заврши како најдобар стрелец во Серија А, од Торино премина во Борусија Дортмунд за да го пополни местото на Левандовски.
„Земан беше голем Маестро кој секогаш ни велеше да не се предаваме. Ретко ни викаше браво, но тоа ни беше поголема мотивација за докажување. Многу ми велеа дека со него нема да заиграм, но всушност со него ми порасна довербата. Потоа многу ми помогнаа настапите во ЛШ каде играв против фудбалери кои претходно ги гледав само на ТВ. Пред некој ден ми се јави Ибрахимовиќ и ми рече ти само чекај смирено и ќе видиш дека ќе одиш на Светско. Сега нашиот сон е да го освоиме и затоа напорно работиме на тоа“, вели Верати.
Инсиње (23) со екипата на Наполи минатата сезона го освои италијанскиот Куп, Верати (21) со ПСЖ го освои француското првенство, а најдобриот стрелец на Серија А, Имобиле (24) ќе има можност за трофеи во Бундеслигата.
Овие млади фудбалери кои пред само две сезони беа дел од втора лига, имаат прогрес во кариерата кој би ја посакал секој играч на нивни години. Талентот и напорната работа повторно ги спои заедно како дел од италијанскиот состав на 23 играчи кои ќе треба да ја бранат честа на Светскиот првак од 2006 година.