Последен на листата на повредени фудбалери кои требаше да бидат дел од своите репрезентации на претстојното Светско првенство во Бразил, но ќе го пропуштат заради повреда е Виктор Валдес. Голманот на Барселона ги повреди лигаментите на десното колено и ќе отсуствува од терените во следните шест месеци.
Слична повреда претрпи и фудбалерот од средниот ред на Рома и холандската репрезентација, Кевин Стротман, но во неговиот случај страдаше левото колено.
На листата на повредени играчи се наоѓа и англискиот репрезентативец Тео Волкот чие колено страдаше на дербито меѓу Арсенал и Тотенхем.
Под голем знак прашалник е настапот на Колумбиецот Радамел Фалкао. Рехабилитацијата на напаѓачот на Монако напредува побрзо од очекувањата, но се уште не се знае дали тој ќе успее да се врати на време.
Проблеми со повреди во текот на целата сезона имаат и германските репрезентативци Холгер Бадштубер, Илкај Гундоган и Сами Кедира.
Селекторот на Италија, Чезаре Прандели будно ја следи состојбата на напаѓачот на Фиорентина, Џузепе Роси кој ќе се врати на терените, но не се знае дали ќе успее да се врати во посакуваната форма.
Португалците нема да сметаат на услугите на Брума - талентираниот тинејџер од Галатасарај, а Јапонците се надеваат дека на располагање ќе го имаат својот капитен Макотo Хасебе кој има повреда на десното колено.