Ѕидарот кој разбива во средниот ред на Уругвај

Покрај ѕвездите како Суарез, Форлан и Кавани во репрезентацијата на Уругвај во сенка паѓаат останатите фудбалери меѓу кои и еден ѕидар кој по професија е столар, а до репрезентацијата стигна со автобус.

Егидио Аревало Риос е познат како El Cacha (рачка од нож), игра во средниот ред на репрезентацијата на Уругвај и е задолжен за деструкција на противничката игра и дистрибуција на освоените топки до соиграчите.

Тој е роден во Пајсанду и ја започнал кариерата во локалниот клуб Бела Виста каде наместо месечна плата ги плаќале за победа.

Но овој тим не победувал многу често, па Риос не заработувал многу пари и бил приморан да бара и друга работа. Заедно со татко му работел како молер и ѕидар, а неговата мајка инсистирала да учи за столар.

Кога влегол во првиот тим во 1999-та година ја заработил и својата прва плата со која ги платил заостанатите сметки на неговото семејство.

Тој постојано напредувал во кариерата и во 2006-та година потпишал за јужноамериканскиот гигант Пењарол кога и го добил покана во репрезентацијата. Но тој сè уште не можел да си дозволи да купи автомобил, па на првиот тренинг задоцнил затоа што два преполни автобуси не застанале на неговата станица.

По кратките авантури во Мексико, во 2009-та се врати во Пењарол каде ја освои уругвајската титула, а беше дел и од репрезентацијата на Уругвај на Светското првенство во Јужна Африка каде падна во сенка на Суарез и Форлан, но неговите настапи не останаа неприметени.

Во 2011-та година повторно го напушти Уругвај и во следните четири години играше за шест клубови на три континенти меѓу кои и бразилскиот Ботафого, италијанскиот Палермо и американскиот Чикаго.

Меѓутоа најдобрите партии ги прикажа во дресот на Уругвај. Тој ги одигра сите натпревари за репрезентацијата која во 2011-та година триумфираше на Копа Америка, а во финалето му асистираше на Форлан.

По сите промени на клубовите и повеќе од 50 настапи за репрезентацијата, нешто сепак се промени и кај него. Тој конечно положи и возачки испит и на собирот на репрезентацијата за подготовките пред Светското првенство дојде со сопствен автомобил.

5 јуни 2014 - 09:11