Два гола и шоу на Миовски во шкотска Премиерлига

Македонскиот репрезентативен центарфор игра во сјајна форма во новиот клуб Абердин од Шкотска. Бојан Миовски по дебитантскиот гол во Купот на Шкотска, сега постигна и два во силната шкотска Премиер лига. Абердин победи 4-1 а Миовски стрелаше прецизно во 24' минута од пенал и во 37'.

На Бојан Миовски одлично му легна новата средина. Откако направи трансфер во Абердин, македонскиот центарфор игра во супер форма.

Миовски минатиот викенд мируваше на дуелот против големиот шампион Селтик а во саботата беше стрелец на два гола на полниот „Питодри“ стадион и доби овации од домашните навивачи.

Покрај двата гола, Бојан имаше удел и во третиот гол на домаќинот кој беше маестрален во изведба на Кларксон.

Миовски има три гола на три официјални мечеви на кои играше, а менаџерот на Абердин Џим Гудвин вели дека навивачите уште не го виделе правото од Бојан и дека тоа допрво следува.

„Многу ми е мило за Бојан, а сѐ уште е на 75 отсто од подготвеноста од онаа каква што сакаме да биде. Но, и минатата недела ги видовме неговите квалитети, свежината допрва ќе дојде, но неговиот карактер и напорната работа за неколку недели ќе ни го донесе најдобриот Миовски каков што го посакуваме. Извонреден фудбалер, само 23-години, технички фантастичен, а што е најважно е секогаш знае да се најде таму каде што треба. Фантастично е да се гледа“, изјавил Гудвин по триумфот. 

Бојан Миовски летово направи трансфер од унгарски МТК во Абердин за 624.000 евра. Шкотските медиуми веќе со големи пофалби пишуваат за Македонецот кој изјави дека сон му е еден ден да заврши во англиската Премиер лига. Навивачите на Абердин се одушевени од неговата голгетерска форма и веруваат дека Миовски можел да ги одведе во некој еврокуп сезонава.

7 август 2022 - 13:42