Во еден агол од југо-западна Шпанија лежи градот Уелва, дом на најстариот шпански фудбалски клуб Рекреативо. Двајца шкотски доктори, Вилијам Александер Мекеј и Роберт Расел Рос, поморски работници во провинцијата Рио Тинто одлучиле да основаат друштво каде работниците ќе можат физички да се рекреираат.
Основан официјално во 1889. година, клубот од Андалузија само пет години уживал во најдобрата шпанска Ла Лига. Од нивниот последен настап во Примера пред пет години (2009), Рекреативо минува низ тешки времиња и во моментов игра во третата лига, во долгови до гуша. Навивачите собираат средства за да ги платат судиите, а често купуваат и детергенти за перење на клупската опрема во просториите.
Нарцисо Рохас го бодри тимот од родниот град уште од кога татко му Пако го однел на стариот стадион Естадио Коломбино за првпат на 4. март 1984, на дуел од втората лига против Елче.
„Одлично се сеќавам на тој натпревар. Како 7-годишен бев фасциниран од неверојатните бели дресови со зелени хоризонтални риги на Елче, но поважно беше што Рекреативо победи 1:0. Тој натпревар беше почеток на она што јас го викам моја Рекреативизација“, раскажува Рохас за Гардијан.
Иако го носел синот на стадион, Пако Рохас имал друго видување.
„Татко ми беше долгогодишен навивач на Реал Мадрид. Лесно му беше додека го гледаше Рекреативо. Но за мене, од сезона во сезона да го гледам мојот домашен клуб стана најважната работа во мојот живот. Тешко е да се биде навивач на Рекре. Би кажал дека тоа е прашање на верба“, продолжува Нарцисо, чијшто син Фернандо (12) и ќерка Аурора (6), заедно со нивниот братучед Хавиер (7) не пропуштаат меч на Уелва во третата лига.
Целиот град Уелва носи убави сеќавања од стариот стадион Естадио Коломбино, каде растеле генерации и генерации и го развивале својот локал патриотизам.
„Беше стар и срушен, но ми недостига. Атмосферата таму беше фантастична. Сега е само празно, срушено здание“.
Денес стадионот на најстариот шпански тим има капацитет од 21.670, а бил изграден година пред Рекреативо по втор пат во историјата да се пласира во првата лига.
„Не бев роден кога Рекре првпат играл во Ла Лига во сезоната 1978/79, но бев на трибините кога на 19. мај 2002-ра бевме сведоци на нашиот втор историски пласман во Ла Лига. Го победивме Ксерез дома 2-1 и тоа беше како сон за сите нас“, вели Нарцисо Рохас.
Рекреативо не издржа во елитното друштво и испадна откако заврши 18-ти на табелата. Сепак таа година стигнаа до финалето на Копа дел Реј каде изгубија 3:0 од Мајорка на Самуел Ето, Пандијани, Ибагаза и Риера.
Историски гледано, најголема победа на Рекре е против Реал Мадрид 0:3 на Сантијаго Бернабеу кога Бекам, Канаваро и Роналдо беа дел од Галактикосите. Тој меч остана во сенка на смртта на четворица навивачи на Уелва кој загинале во сообраќајка на пат кон Мадрид.
„Беше 20. декември. Се разбудив рано сабајле за да фатиме автобус за Мадрид. Илјадници од нас тргнаа со воз на Сантијаго Бернабеу. Головите ги дадоа Флоран Синама-Понгол, Икечукву Уче и Емилио Викеира. Плачевме после секој гол“, раскажува Нарцисо и додава дека најомилен играч му бил младиот Санти Казорла, симбол на Уелва.
Клубот го воделе тренерски имиња како Марселино Гарсија Торал (пласман во Примера во 2006-та) и Хоакин Капарош кој бил тренер од 1996 до 1998.
Уелва долго нема стабилна управа ниту претседател, поради што во октомври минатата година дури 10.000 луѓе протестирале по улиците на градот. Самата финансиска криза во Шпанија се одразува и на фудбалот, па така Уелва од град со неколку големи фабрики за хемиска индустрија, денес е место за најголема невработеност во земјата.
Навивачите оформиле фондација за собирање средства за спас на клубот од гаснење, федерацијата му забранила на Рекреативо регистрација на нови играчи, поради што клубот во моментов има 14 фудбалери од кои тројца повредени. Сепак навивачите веруваат во чуда и се надеваат дека доаѓаат подобри времиња за најстариот клуб во Шпанија.