"Vom Vollenidiot zum Vorbild" или во превод „Од идиот до пример за младите“. Полунапаѓачот на новиот прволигаш Пардерброн, Сулејман Коч така ги опишува последните три години од неговиот живот.
Во тој период, фудбалерот роден во 1989. година од родители Турци во берлинскиот кварт Моабит доживеал работи за кои може да напише книга.
Првата средба со топката, Коч ја имал во пионерскиот состав на Тенис Борусија, клуб од неговиот роден град, а шансата да се проба со сениорите ја добива нешто подоцна во дресот на Берлинер Атлетик – Клуб 07 во 2007. година.
Две години подоцна, во 2009-та, Коч заиграл и за Туркиемспор Берлин, екипа составена претежно од Турци кои живеат во германската престолнина.
Откако го демонстрирал својот неоспорен талент, момчето од асфалтот на Моабит потпишал професионален договор со Бабелсберг, екипа од Потсдам.
Таму се задржал околу шест месеци во кои го привлекол вниманието на селекторот на германската селекција до 21 година, но приказната добива друг тек на 19. април 2011. година.
Само 18 дена по денот на шегата, Сулејман Коч е уапсен во Берлин, заедно со уште 8 други лица од неговата населба, меѓу кои и неговиот најмлад брат Седат и клупскиот колега Гвидо Кочер.
Обвинети се за повеќе кражби и обивања на разни локали и теретани во претходните неколку месеци.
По долгиот процес, Коч е осуден на затворска казна од три години и девет месеци, иако за време на рочиштето било докажано дека тој само го возел автомобилот со кој краделе, но никогаш директно не учествувал во кражбите.
Вкупно 11 месеци одлежал во затворот на Моабит, кој парадоксално, се наоѓал на само 2 километри од неговиот дом каде живеел со семејството.
Во март 2012. година, поради добро поведените, Коч е пуштен на условно период во кој казната ја извршувал во социјални проекти и средби кај психолог.
Откако се утврдило дека добро се однесувал во деновите на слобода, Коч добил дозвола да се врати во својот стар клуб Бабелсберг, каде напишал долго писмо во кое им се извинил на сите. Само неколку недели потоа дал гол против Дармштад во третата германска лига.
„Фудбалот ми даде нов живот. Освен професионалните обврски, сакам целосно да се посветам и во социјалните проекти каде би им укажувал на младите кои имале слични проблеми како моите“ – изјави фудбалерот за врска.
Во тој период, медиумите во Германија се заинтересирале за него, па така во есента 2013. година, Коч се појавил во документарниот филм насловен "Der lange Weg zur zweiten Chance" (Долгиот пат кон втората шанса).
„Целта ми е да не ги разочарам повторно тренерот и луѓето што имаа доверба во мене“ – вели Коч за германските новинари.
Во тимот од Потсдам, Сулејман одиграл фантастични година ипол, во кои постигнал осум гола на 14 натпревари. Тоа било препорака за луѓето од Падерборн, кои во јануари 2014 година го купиле турскиот фудбалер.
Тренерот на екипата од Вестфалија, Андре Брајтенрајтер веднаш му дал шанса во првиот состав, а Коч му вратил со два гола на 11 натпревари, од кои еден против директниот ривал за промоција во елитното друштво.
По тој гол, станал вистински миленик на „Бентелер Арената“ во Падерборн.
Дека големите натпревари ги игра без трема, Турчинот покажал за време на летните подготовки, кога играл одлично на пријателските средби против Атлетик Билбао и Њукасл.
Сезоната ја почна со ефектен гол во германскиот куп, каде неговиот Падерборн загуби од Лајпциг.
Во годината кога германскиот фудбал ќе види ново прволигашко име, Падерборн ќе ја има задачата да остане во најквалитетното друштво.
Викендов, Сулејман Коч ќе има прилика да дебитира во Бундеслигата, против Мајнц на Николче Новески и со тоа да стане првиот затвореник кој настапил во најдобрата германска лига.