Додека летал за Словенија Вилшер се мотивирал од Гаскоњ

Фудбалерот на Арсенал ја прекина својата интернационална „суша” на натпреварот против Словенија, а за двата гола се инспирирал од последниот документарен филм за поранешната англиска легенда Пол Гаскоњ.

Џек Вилшер си го пуштил филмот во авион додека патувал со националниот тим  за мечот со Словенија во рамките на квалификациите за Европското првенство и така  добил поголема мотивација за да стигне до деби голот за својата земја.

Тој беше двоен стрелец на неделната победа од 3:2 и тоа беа неговите први голови во 28 меча за репрезентација. Со тоа им помогна на Англичаните да го задржат 100% учинок во групата Е, со шест бода предност пред второпласираната Швајцарија.

„Тој е мојата инспирација, кога играше за Англија не чувствуваше никаков страв”.

Вилшер откри дека пристапот на поранешниот играч на Њукасл и Тотенхем е сличен со неговиот, а ја истакна и неговата посветеност во играта за репрезентацијата.

„Понекогаш луѓето кои играат за својата држава чувствуваат малку страв и притисок. Но тој само сакаше да излезе и да игра. Тој се чувствуваше прекрасно додека игра и понекогаш и јас го имам истото чувство”, вели Вилшер

Документарниот филм за Газа излезе на почетокот на овој месец. Во него учествуваат големи имиња како Гари Линекер, Хозе Мурињо, Боби Робсон и Вејн Руни. Од сите ќе ја издвоиме изјавата на Мурињо:

„Пол Гаскоњ е The special one“

16 јуни 2015 - 13:06