Добри вести за Македонија, не игра ниту Кјелини

По тешката повреда на Монтоливо и исфрлувањето на Пеле, уште еден стандарден репрезентацивец на Италија не е во комбинација за утрешниот меч на Филип Втори.

Столбот на одбрана на Јувентус и на италијанската фудбалска репрезентација, Џорџо Кјелини нема да настапи на утрешниот квалификациски натпревар против Македонија во Скопје.
 
Кјелини на вчерашниот тренинг го повредил мускулот и го напуштил тренинг центарот на Италија за да замине на преглед каде ќе му ја утврдат сериозноста на повредата.
 
Италијанскиот селектор Џанпјетро Вентура не повикал замена за него бидејќи се очекува да настапи во формација 3-5-2 и во тој случај во одбрана би играле Бонучи, Барцаљи и младиот дефанзивец на Милан, Алесио Ромањоли.
 
За Италија ова е втор фудбалер кој нема да патува во Скопје поради повреда. Претходно се повреди Монтоливо во еден дуел со Рамос на мечот против Шпанија, а дијагнозата покажа истегнување на легаментите и операција по што ќе мора да паузира 6 месеци.
 
Од напад отпадна Грацијано Пеле кој Вентура реши да го остави во Италија поради недисциплина. Вентура против Шпанија во напад играше со дуото Пеле - Едер, а за мечот против Македонија фаворити за во напад се Имобиле од Лацио и Белоти од Торино.
8 октомври 2016 - 10:03