Ди Канио кој заедно со Лука Маркеџани и Џузепе Бергоми се ангажирани како стручни коментатори во Скај, отворено кажува што мисли за Фаџоли и Тонали кои како млади играчи влегоа во непотребни проблеми со своите навики да се кладат.
Поранешниот италијански напаѓач му рече на режисерот да го снима фиксно со камера за да им се обрати директно на играчите околу кои изби цунами во Италија.
„Идиоти сте. Ова ви го кажувам како постар брат, односно како татко, бидејќи некои од вас се помлади од моите ќерки. Постојат три милијарди работи што човек може да ги прави и да се клади на кучиња, мачки, глувци...Ама да се кладиш на фудбал? Мора да си глупав, затоа што прво почнуваш по малку, а потоа ти станува порок.
Влегуваш во тој свет и потоа се случуваат и други проблеми како последица на тоа, како закани, како примерот со Фаџоли, за разлика од она што му се случи на Тонали кој ми се чини дека сепак има контрола. Постојат различни планови за зависност од коцкање за кои треба да се зборува, бидејќи тогаш одите во депресија и влегувате во друг свет“.
Инаку Ди Канио реши потоа и да раскаже една случка кога како 22 годишен играл во Јувентус меѓи 90-та и 93-та, кога газди беа фамилијата Ањели, а претседател Џампјеро Бониперти.
„Ќе ви раскажам една анегдота од времето кога играв за Јувентус. Дојдов од популарно маало и немав страв да се соочам со некој човек од управата на клубот. Еден ден, на тренинг ми рекоа дека треба да одам во канцеларијата на претседателот Бониперти. Веднаш се исплашив и не можев да разберам што сум направил. Поминав три часа во просторијата со секретарката, која не ми проговори ни збор, а мене ми зуеше во ушите, прашувајќи се зошто сум тука? Кога влегов, претседателот ме праша: Каде беше вчера? Му реков кај Мауро, еден од најпознатите ресторани каде одеа сите играчи на Јувентус. Во колку часот? Во 22:30. Тоа е многу доцна, ми вели.
Не претерувам, за него тоа беше многу доцна. Но со оглед на тоа што бев ерген, според мене тоа беше океј време. И така, поминав часови со страв затоа што помислив да не сум направил нешто погрешно, па да не ме казнат, да не можам да играм и да не можам да тренирам. Не дека сега сакам да им трубам како постар, времињата се сменија, но денеска човек од управата на клубот е спремен да го оправда фудбалерот кој греши. Тоа е затоа што и тие се сменија, не се како порано повлечени во канцеларии и имаат повеќе контакти со играчите. Знам дека се променети времињата, но некои работи не може да се оправдаат“, вели поранешниот напаѓач на Лацио.
Луда исповед на фудбалерот на Јувентус за комар, лихва и долгови