Откако младиот талент на Јувентус Николо Фаџоли ја дозна суспензијата од седум месеци по признанието дека се обложувал на нелегални страници (забрането е фудбалери да се кладат и на легални), сега се очекува казна и за уште еден репрезентативец на Италија.
Фаџоли штотуку почна да игра повеќе за Јувентус кај Алегри и зафати место во репрезентацијата, сега ќе оди на 7-месечно ладење.
Тој открил неколку детали од тоа како се обложувал заедно и со други соиграчи од репрезентацијата меѓу кои Сандро Тонали и Николо Ѕаниоло.
„Почнав да се кладам во Тиренија, на собриот со младата У-21 репрезентација. Тонали ми кажа дека можам и јас да се кладам зошто облозите не оставале трага“, им рекол Фаџоли на обвинителите.
Тој додал уште и дека навистина не знае дали Тонали се кладел на фудбалски настани.
„Од првин се кладев на тенис, а после од септември 2022-ра, зошто требаше да додадам поголеми суми на разни платформи, почнав да се кладам и на фудбал, за да се вратам“.
Младиот фудбалер од среден ред на Јувентус признал дека „никогаш не се кладел на Кремонезе каде играше ниту на Јувентус“, екипи за кои досега настапувал во кариерата.
„Има кладби на фаули и картони, ми предложија, но не прифатив зошто се противи на мојата етика“.
Една од попотресните исповеди била онаа дека во еден момент од забава кладењето му станало опсесија и се нашол „под стрес поради долгови“.
Како што признал Фаџоли, долгот во еден момент му достасал до 3 милиони евра (платата годишно во Јувентус му е 1 милион евра нето).
„Навечер престанав да спијам. Како поминуваше време така долгот повеќе ми стана опсесивен... Мислев да играм само за да се вратам. Стигнав се до закани. „Ќе ти ги скршиме нозете, ми викаа...“
Во еден момент кога не можел веќе да ги контролира парите на сметка кои ги водела мајка му, тој почнал да бара заем од други соиграчи. 40.000 евра земал од Драгушин и од стоперот Гати на кого му кажал дека „му требаат да си купел саат“.
„Му кажав дека ќе ми требаат да си купам Ролекс во една продавница во Милано а јас всушност ги користев да ги заменам за да враќам дел од долговите... Понекогаш луѓето кои ги водеа платформите одеа да ги земат како залог од златарите“.
Фаџоли признал и дека никогаш не кажал никому на соиграчите од Јувентус за неговата зависност.
„Знаеа само мајка ми и по некој другар надвор од фудбалот“. Не знаел ни Јувентус. „Требаше да потпишам нов договор со Јувентус, се плашев дека една таква вест би влијаела на договорот“.
Најтешко му било во периодот од март до април 2023-та. Тогаш за време на мечот Сасуоло - Јувентус направил грешки на теренот и тренерот го изватил. Тогаш беше снимен од камерите како плаче. „Плачев мислејќи на моите долгови од кладење“, признал Фаџоли.
САНДРО ТОНАЛИ, НАЈСКАПИОТ ФУДБАЛЕР НА ЊУКАСЛ СЕ СООЧУВА ДО ДРАСТИЧНА КАЗНА
Во обвинителството во Торино кое што ја води истрагата, Сандро Тонали признал дека се кладел и на натпревари на Милан додека бил играч на овој клуб. Тонали во краток период стана миленик на навивачите, капитен на екипата и многумина во него гледаа нов Пирло и централна фигура која што ќе го води тимот уште долги години.
Но Милан за него доби астрономска понуда од речиси 100 милиони евра (со се бонуси) од Њукасл кој го водат Саудијци и Тонали беше продаден. Стана најскап излезен фудбалер во историјата на Милан.
Сандро Тонали на обвинителката Мануела Педрота во вторникот и признал дека се кладел и дека Милан ќе победи додека играл за росонерите.
Италијанските медиуми претпоставуваат дека според тежината на делата, Тонали би можел да биде казнет уште подрастично од Фаџоло кој доби 7-месеци суспензија.
Денес на распит бил и Николо Ѕаниоло, еден од најдобрите италијански фудбалери на денешницата кој после Рома и Галатасарај отиде да игра во Астон Вила.
Истрагата ја води италијанското обвинителство, а прашање е како предметите би се одразиле во англискиот судски систем каде што играат Ѕаниоло и Тонали. Систем кој е немилосрден кон вакви случаи што покажаа неколку предмети во блиско минато.