Гери Мурен беше еден од плејадата холандски фудбалски легенди кои се прославија во 70-те и 80-те години од минатиот век. Во својата кариера тој настапуваше за повеќе клубови помеѓу кои и шпанскиот Бетис, но Мурен е запишан во аналите на два клуба - Волендам и Ајакс.
Мурен ја започна и ја заврши кариерата во Волендам каде одигра осум сезони, а најголемата слава ја достигна во дресот на Ајакс каде одигра исто така осум сезони, помеѓу кои и трите сезони од 1970 до 1973 кога холандскиот клуб доминираше во светскиот фудбал и освојуваше титули во домашното првенство, Европскиот куп и Интерконтиненталниот куп.
Гери Мурен почина на 19 септември на 67 години.
Шест денови по смртта на легендата на Ајакс и Волендам, овие два клуба се сретнаа во рамките на холандскиот куп.
Пред почетокот на натпреварот, почит со знамиња и едноминутен молк му оддаде целиот стадион на Ајакс и фудбалерите на двете екипи, а помеѓу нив беше е членот на Волендам, Роберт Мурен - внукот на Гери Мурен.
Второлигашот направи големо изненадување со израмнувачкиот погодок, но на воодушевување на навивачите на двата клуба, стрелец на погодокот беше токму Роберт Мурен и тоа во 67-та минута (Гери Мурен почина на 67 години).
Со неговиот гол малиот второлигаш се избори за продолженија на Амстердам арената, а за оваа приказна да биде уште подобра, Роберт Мурен постигна уште еден гол во првото продолжение на натпреварот.
Сепак холандскиот гигант ја презеде контролата во последните минути и набрзина постигна три гола за конечни 4:2 по 120 минути игра, но на крајот сите почести отидоа за внукот на легендата на Ајакс и Волендам кој постигна два гола на натпреварот на кој беше оддадена почит за смртта на неговиот дедо.