Усман Дембеле во сезоната 2024/2025 со ПСЖ освои: првенство во Франција, Куп и Суперкуп на Франција, а освои и Лига на шампиони. Постигна неверојатни 35 гола а имаше и 14 асистенции на 53 натпревари за ПСЖ. Сосема заслужени награди, и таа во организација на Франс Фудбал и оваа од ФИФА „Најдобрите“.
Дембеле блескаше минатата сезона со прекрасни голови против Ливерпул во осминафинале на Лига на шампиони, против Арсенал во полуфинале за пласман во финале и со две асистенции во страшната партија против Интер во големото финале на Лига на шампиони кое ПСЖ го доби 4-0.
Ова беше прва историска европска титула за Пари Сен Жермен а најзаслужен за неа беше токму Дембеле кој заслужено ја доби наградата „Најдобар“ според ФИФА одржана во Доха, Катар.
Покрај Дембеле кандидати за најдобар играч на годината 2025 во изборот на ФИФА беа уште и: Ашраф Хакими, Хари Кејн, Килијан Мбапе, Нуно Мендеш, Кол Палмер, Педри, Рафиња, Мохамед Салах, Витиња и Ламин Јамал.
Во Топ 3 се Дембеле, Мбапе и Ламин Јамал.
При изборот се гледал настапот на сите кандидати од 11-ти август 2024 до 2-ри август 2025-та. Гласаа четири блока: капитени на репрезентации, селектори, одбрани новинари од секој член на ФИФА и навивачи (онлајн анкета).
Сечиј блок има „тежина“ на глас со 25% во конечниот избор.
Учесниците ги бираат своите Топ3: за прво место даваат 5 бода, за второ место 3 бода, а за трет кандидат даваат 1 бод. На крајот се гледа кој има собрано најмногу бодови.
КОЈ ГИ ДОБИ ДРУГИТЕ НАГРАДИ НА ФИФА „НАЈДОБРИТЕ“?
Луис Енрике е најдобар тренер по верзија на ФИФА. Минатата сезона со ШСЖ ги освои СИТЕ можни трофеи освен Светско клупско првенство. Тој ги победил во финалниот избор Ханси Флик од Барселона и Арне Слот од Ливерпул.
Џанлуиџи Донарума е најдобар голман во сезона 2024/2025. Тој исто му помонга на ПСЖ да освои дури 4 шампионски трофеи. За оваа награда најдобар голман конкурираа уште и Алисон, Тибо Куртоа, Емилиано Мартинез, Мануел Ноер, Давид Раја, Јан Зомер и Војчех Шчесни.
НАЈДОБАР ГОЛ?
Крилниот напаѓач на Индепендиенте Сантијаго Монтел е автор на најубавиот гол на сезоната 2024/2025 во избор на ФИФА. Во мај месец годинава тој постигна прекрасен гол со ножички на дуел против Индепендиенте Ривадавија.
Монтел ги победи кандидати за најдобар гол на сезоната: Алерандро (гол за Виторија против Крузеиро на 19 август 2024-та), Ламин Јамал (гол против Еспањол на 15-ти мај 2025) и Деклан Рајс (гол против Реал во Лига на шампиони на 8-ми април 2025-та година).
КОИ СЕ НАЈДОБРИТЕ 11?
Најдобриот тим на сезоната 2024/2025 во избор на ФИФА се:
Донарума, Хакими, Пачо, Ван Дајк, Мендеш, Палмер, Белингем, Витиња, Педри, Ламин Јамал, Дембеле.
ВО ЖЕНСКИ ФУДБАЛ БОНМАТИ ЈА ПРОДОЛЖИ ДОМИНАЦИЈАТА
Сјајната шпанска фудбалерка Аитана Бонмати од Барселона повторно е избрана за најдобра фудбалерка на светот за сезоната 2024/2025. Таа блескаше во дресот на Шпанија и Барселона и освои неколку шампионски пехари.
За најдобар тренер во женски фудбал е прогласена Сарина Вигман која ја водеше Англија до европска титула на Евро 2025 во женски фудбал.
Најдобра голманка е Хана Хамптон (Челси, репрезентација на Англија). Мексиканката Лизбет Овалие ја доби наградата „Марта“ наречена според најдобрата бразилска фудбалерка на сите времиња - за најубав гол во женски фудбал на годината. Легендарната Марта беше во конкуренција за фудбалерка на сезоната но не победи.
КОГА Е „ЗЛАТНА ТОПКА“ А КОГА Е ФИФА?
ФИФА бира Најдобар фудбалер на годината од 1991-ва година. Од 2010 до 2015 ФИФА соработуваше со Амаури Груп, сопственик на магазинот Франс Фудбал.
Ова беше 10-та јубилејна церемонија The Best. Од 2016-та само три пати се разликувале победниците во однос на победниците на „Златна топка“, церемонија која ја организира Франс Фудбал, француски вековно стар фудбалски магазин.
Од 2010 до 2015 ФИФА бираше заедно со Франс Фудбал а наградата беше позната како Ballon d’Or.