
Осман Дембеле е добитник на најпрестижната фудбалска индивидуална награда која со децении ја доделува Франс фудбал. Се најде во скапо друштво на сонародници.
Пред него Златната топка ја освојуваа Рајмонд Копа, Мишел Платини, Жан Пјер Папен, Зинедин Зидан и Карим Бензема. Франција сега е рекордер со шест освојувачи, по Германија и Италија кои имаат по пет.
Најголем ривал во битката му беше Ламин Јамал кој сепак заврши на втората позиција според бројот на гласови. Во топ 5 се уште и Витиња, Салах и Рафиња.
Од играч со неконстантна форма и нестабилен карактер, Дембеле се претвори во лидер на ПСЖ со кој одигра врвна сезона и заврши како прв стрелец.
Постигна 35 гола и имаше 16 асистенции на 53 настапи и освои четири трофеи меѓу кои и Лигата на шампионите, прва во историјата на клубот.
Наградата му ја врачи Роналдињо, а тој се расплака за време на говорот.
„Искрено, малку сум под стрес. Ја добив оваа награда од една од најголемите легенди на сите времиња, не можам да поверувам. Ова е награда благодарение на тимот. Сакам да им се заблагодарам на сите мои соиграчи. Сакам да ѝ се заблагодарам на Барселона, клубот од моите соништа. Играв со Лионел Меси, сакам и нему да му се заблагодарам, научив толку многу од него. Сакам да му се заблагодарам на Дешамп. Да се надеваме дека ќе можеме да го освоиме и Светското првенство.“
Matters as well 🥺🌕 #ballondor pic.twitter.com/Jsxpl5QV9d
— Ballon d'Or (@ballondor) September 22, 2025
Сите добитници на наградите од 69. издание на Златната топка:
Најдобар фудбалер: Oсман Дембеле
Најдобра фудбалерка: Аитана Бонмати
Најдобар тренер: Луис Енрике
Најдобар женски тренер: Сарина Вигман
Најдобар млад играч: Ламин Јамал
Најдобра млада фудбалерка: Вики Лопез
Најдобар голман: Џанлуиџи Донарума
Најдобра голманка: Хана Хемптон
Најдобри стрелци: Виктор Ѓокереш и Ева Пајор
Трофеј „Сократес“: Фондасион Ксана
Најдобар машки клуб: ПСЖ
Најдобар женски клуб: Арсенал