Ги тренираше Евертон, Манчестер Јунајтед, Реал Сосиедад, Сандерленд, а сега Вест Хем, 20 години е во овој бизнис, има пари, препознатлива фаца е, но ништо од тоа не го спречи да се измеша меѓу “обичниот“ народ и да помогне онаму каде што треба.
Дејвид Мојс е слободен, има време на претек и реши да го искористи за да доставува овошје и зеленчук на луѓе кои не можат да излезат од дома. Инспирација за тоа доби од продавницата која се наоѓа во неговиот кварт.
„Погледнав од прозорецот и сфатив дека им се потребни возачи. Жена ми се тераше свои работи, а јас мои и решив да волонтирам. Така почнав да разнесувам овошје и зеленчук“.
Славниот тренер ги почитува правилата за дистанцирање, што значи нема фотографирање и давање автограми. Еден пар веднаш го препознале, но неговата намера не била да се фали, туку едноставно почувствувал дека треба да помогне и уживал во новата привремена работа.
„Тоа беа прекрасни шарени големи кутии полни со храна. Уживав во тоа и потоа се враќав во продавницата за да им дадат уште и потоа да го наполнам повторно комбето“.
И покрај тоа што работел од љубов, Мојс сосема случајно заработил и башкиш.
„Една кутија со овошје и зеленчук изнесуваше 16,8 фунти, а една госпоѓа ми даде 20 и ми рече повели синко и задржи го кусурот“.
Слободното време го пополнува и во кујна.
„Генерално добро ми оди и со готвењето. Спремав лосос во рерна, кокошка и уште неколку разни јадења. Бев деновиве и во рибарница“.
Што се однесува до фудбалот, загрижен е за судбината на клубовите поради тешката финансиската ситуација.
„Се надеваме дека фудбалот ќе има малку ресетирање. Се надевам дека сите ќе погледнеме наназад и ќе размислиме дека можеби премногу се опуштивме. Луѓето кои водат фудбалски клубови треба да се запрашаат дали секогаш сме постапувале правилно? Ако повторно во иднина ни се случи ваква криза, ќе успееме ли да поминеме преку неа?
Можеби треба да ги разгледаме цените кои ги плаќаме на играчите. Можеби треба да ги разгледаме платите. Можеби треба да погледнеме колку им се плаќа на агентите. Можеби ќе треба да ги разгледаме сите различни аспекти на оваа индустрија. Сè уште имаме долг пат за да се осигураме дека ќе излеземе од оваа ситуација. Како ќе го направиме тоа, не сум сигурен. Мора да се осигураме дека сите фудбалски клубови ќе бидат сочувани“, завршува Мојс.