По пензионирањето на легендарниот Сер Алекс Фергусон, по само една недела уште едно големо светско име од фудбалот му кажува збогуб на спортот кој го направи еден од најславните и најбогатите фудбалери на планетата. Веста за повлекувањето на 38 годишниот Бекам за брзо време се рашири низ сите светски медиуми.
„Им благодарам на челните луѓе на ПСЖ што ми даваат се уште можност да играм фудбал, но мислам дека со оваа добра форма која ја имам, сега е вистински момент е да се пензиониран“, изјави популарниот Англичанец.
Изминатиов викенд Бекам ја прослави шампионската титула со екипата на Парис Сент Жермен и со тоа стана единствениот англиски фудбалер кој успеал да освои титули во четири различни земји. И покрај понудата за продолжување на договорот, поранешниот капитен на англиската репрезентација сепак одлучи да му стави крај на фудбалот.
Славниот Бекам кариерата ја започна во 1993 година во тимот на Манчестер Јунајтед каде ментор точно една деценија му беше Фергусон со кој освои 6 титули во Премиер лигата, 2 титули во ФА Купот, 4 во Лига Купот и еден трофеј во Лигата на шампионите.
По заминување од „Олд Трафорд" кариерата ја продолжи во Реал Мадрид каде остана 4 сезони, а потоа замина на авантура во САД во тимот на Лос Анџелес Галакси, со кој потпиша 5 годишен договор за сума од 250 милиони долари.
На два пати беше позајмуван во тимот на Милан, а кариерата одлучи да ја заврши на најдобар можен начин со шампионска титула во богатиот состав на ПСЖ кој по 19 години го подигна пехарот. За „Гордиот Албион" Бекам одбележа 115 настапи.
И покрај тоа беше во залезот од својата кариера, фудбалската икона и натаму добиваше разни понуди за промовирање на фудбалот, како на пример од Кина каде прифати да биде амбасадор и да помогне за враќање на реномето на кинескиот фудбал.