Дејан Савичевиќ: „Не ја бранам Русија, ама мене како нив така ми земаа три турнири“

Легендарниот „геније“, човек поради кој многу навивачи го засакаа Милан, отворено ја прокоментирал ситуацијата со санкциите за рускиот спорт поради ситуацијата во Украина.

Дејан Савичевиќ, еден од најтрофејните фудбалери од овие простори, вели дека сега најмногу трпат руските спортисти иако ама баш ништо не се криви. Така Дејо се сеќава и на несреќните санкции за Југославија во 1992-ра година кога на најталентираната фудбалска генерација на сите времиња во регионов и се одзема шансата да учествува на Европско првенство каде ќе беше голем фаворит.

И тоа само поради конфликт предизвикан не по нивна волја.

Наместо Југославија тогаш на Европско замина Данска која не беше квалификувана и сензационално го освои трофејот. Југословенската селекција во придружба со воени авиони ја напушти Шведска и се врати дома.

„Спортистите навистина не се криви. Југославија истото го доживеа 1992 година“, вели Савичевиќ за подгорички Дан.

„Не го бранам Путин, но на своја кожа сум доживеал исклучување поради политички избор. Играње натпревари секогаш е порака на мирот. Руските фудбалери немаат баш никаква врска со Путиновата одлука, како што ниту ние имавме со војната во Југославија пред 30 години.

Гледам обновување на истата ситуација која постепено од 1992 година ја доживуваа млади луѓе кои добро сте ги познавале во Италија: Михајловиќ, Југовиќ, Мирковиќ, Ковачевиќ, Мијатовиќ, Саво Милошевиќ. Покрај мене. Како фудбалер изгубив три големи натпреварувања, Европско 1992 и 1996 како и Светско првенство 1994 година. Без никаква причина освен поради политика која нема врска со спортот“.

2 март 2022 - 08:02