Дефо бара помошник преку оглас, нуди плата од 80 илјади фунти

Еден од најдобрите англиски напаѓачи во последната деценија, Џермејн Дефо објави дека бара личен помошник кој ќе му го организира секојдневниот живот. Може да се пријави секој, а условите се познати.

Ѕвездата на Премиер лигата бара човек или жена кои меѓудругото ќе му ги плаќаат сметките, ќе му го полнат фрижидерот со храна, ќе му купуваат гардероба и што уште не.
 
Џермејн Дефо неделно заработува 80.000 фунти во Сандерленд, а спремен е и на идниот личен асистент да му понуди толкава сума на годишно ниво. Условот во огласот кој Дефо го постави на социјалните мрежи е вработениот или вработената да му бидат достапни на него и неговото семејство 24 часа и седум дена во неделата.
 
Во случај огласов да ви делува привлечно, ќе мора да водите сметка дека кога Дефо ќе се врати од долгите патувања фрижидерот мора да му биде полн. Да ја носите гардеробата на хемиско чистење, да се грижите за цвеќињата во дворот и редовно да му плаќате на градинарот, пишува Гардијан.
 
Покрај тоа, Дефо сака и да му ја купите екслузивната гардероба која за него ја шијат најпознатите англиски креатори. Едно од барањата е и редовно да резервирате одмор за него и членовите на неговото најтесно семејство, но и да го потсетувате за родендените на пријателите и семејството.
 
Повремениот англиски репрезентативец барал и вработениот да му закажува социјални настани, да му купува карти за во кино, за концерти, клубови, театар итн.
 
По сето наброено, вреди да се проба затоа што 80.000 фунти годишно не е мала сума.